Наставниците конечно зедоа јулска плата


Повеќето вработени во основното и во средното образование ја добиле јулската плата што им доцнеше. Таа на нивните сметки стигнала во понеделникот, тврди претседателот на Синдикатот за образование наука и култура Јаким Неделков за „Независен весник“. Од СОНК бараат системско решение за проблемот со доцнењето на платите на вработените во училиштата бидејќи, поради административни грешки и неажурност на некои установи и општини, последиците секој месец, континуирано со години наназад ги трпат вработените.
„Ние сме во постојана комуникација со Министерството за образование и наука, разговараме за платите и нивното доцнењето. Констатирано е дека најчеста причина за доцнење на платите е поради грешките направени во некои општини и во установите. Проблемот е системски и треба да се најде решение. Онаму каде што нема направено грешки и навремено е доставена документацијата, вработените треба навреме да си земат плата, до 15 во месецот, кога е крајниот рок за исплата на плата, со што ќе се испочитува Законот за работни односи. Згора на тоа, дополнително, проблем овој месец има и со намалената администрација во училиштата, локалните самоуправи и во Министерството за образование и наука поради годишните одмори“, изјави Неделков.
Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат, пак, вели дека платата им доцни уште на 130 вработени во основните училишта.
„Сто и триесет вработени во училиштата во дел од Источна Македонија немаат земено плата ни во понеделникот. Очекуваме, како што ни рекоа надлежните, дека ќе ја земат во вторник“, рече Гиевски.
Јулската плата, според синдикатите, им доцнеше на речиси дваесет илјади вработени во образованието, повеќето од нив, околу дванаесет илјади, се вработени во основните училишта, а шест илјади се вработените во средните училишта.
Во меѓувреме, од СОНК откриваат дека се добиени четириесет правосилни судски одлуки за трансформација на работниот однос од определено на неопределено време.
„Сега се процесираат преку Агенција за вработување, да се пријават како вработени на неопределено работно време. Станува збор за просветни работници кои биле вработени на определено време, ги исполнувале сите услови за трансформација на работниот однос на неопределено време, а било направено тоа од страна на работодавачот, училиштето, па тие своето право го побарале преку судски пат под покровителство на СОНК. Засега, се добиени 40 правосилни судски одлуки за трансформација на работните односи од определено на неопределено работно време“, вели Неделков.
Инаку, над илјада наставници, чии договори истекуваат до крајот на август, чекаат да им биде трансформиран работниот однос од определено на неопределено време.
Неодамна, на прес-конференција во просториите на СОНК посочено беше дека преку канцеларијата на адвокатот Ванчо Шехтански се водат 120 судски постапки, тужби по основ на трансформација, бидејќи по истекот на договорите вработени во основното и во средното образование, како и во детска заштита, не добиле согласност за постојано вработување, а на нивното место седнале нови наставници. Спорно е, рекоа, тоа што се распишуваат огласи во момент кога се поднесени барања за трансформација. Селективност имало и во судските постапки, рече Шехтански бидејќи еден судија пресудува во нивна корист, а друг по сопствено убедување.
Пред повеќе од два месеца Владата ја прифати информацијата за вработувањата во основните и средните училишта и донесе одлука Министерството за образование и наука да побара согласност од Министерството за финансии за вработување лица на неопределено работно време за работни места за кои може да се оствари полно работно време.
Вероника Мароска-Леова
Борис Грданоски-фоторепортер