Наскоро конкурс за обука на првите 20 економски аташеи


Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев соопшти дека со Министерството за надворешни работи направиле стратегија за избор на првите 20 економски аташеи кои ќе бидат испратени во места најатрактивни за македонската економија. Триесетината економски промотори кои привлекуваа странски инвестиции се повлечени по завршувањето на нивните мандати.

Анѓушев посочи дека секаде во светот тоа се луѓе од амбасадите и од МНР. Економските аташеи ќе мора добро да го познаваат македонското стопанство и за таа цел ќе поминат двомесечна обука. Конкурсот ќе излезе во наредните денови.

– Тие економски аташеи треба да го научат македонското стопанство и ќе поминат обука од два месеца во Македонија. Треба да го поминат целокупното македонско стопанство за кога ќе одат во светот да знаат што можат да продадат од Македонија. Тие треба да бидат комерцијалисти на македонската економија во светот и да привлечат странски инвестиции во Македонија, но такви кои ќе можат да соработуваат со македонската економија, истакна Анѓушев одговарајќи на новинарски прашања по презентирањето на економските ставки во Предлог-буџетот за 2018 година.

Во Република Македонија, рече, има 19 активни странски инвеститори.

– Иако во јавноста се создаде впечаток дека ги има многу зашто по пет пати се сечеше лента. Сите тие од македонската економија купуваат помалку од еден процент – вода, храна, обезбедување, струја. Дали ние треба на тоа да се сведеме, рече Анѓушев.

Нагласи дека буџетот на Агенцијата за странски инвестиции е намален само во делот на непродуктивните трошења (91 проценти), односно на родшоуа и реклами. Повеќе нема реклами на Си-Ен-Ен и на Би-Би-Си, но, рече, има и други начини на рекламирање кои со многу помалку средства се поуспешни и го постигнуваат истиот ефект.

Коментирајќи го ставот на опозицијата дека економскиот раст проектиран на 3,2 отсто е преценет, вицепремиерот одговори уверен е дека ќе се постигне тоа зголемување на БДП.

– Очекувам бројката да биде и поголема и во оваа држава таа ќе беше уште поголема да не ни се случеше 27 април. Тоа се одрази во стагнацијата на БДП оваа година. Буџетот е исклучително реален, и во приходната и во расходната страна, и тој ќе обезбеди минимум 3,2 проценти зголемување на БДП, одговори Анѓушев.

Во однос на капиталните инвестиции, пак, рече дека Владата ќе биде посветена на нивна реализација зашто тие ги решаваат проблемите на граѓаните и затоа што директно имаат удел во зголемувањето на БДП.

Рече ќе има состаноци на сите чинители од Владата кои учествуваат во реализација на капиталните инвестиции и на неделни состаноци ќе ја следат динамиката.

– За се што ќе биде реализација под 80 проценти лично ќе бидам незадоволен. Тој порцент очекувам да биде достигнат, истакна вицепремирот, притоа додавајќи дека некогаш застој во реализацијата има и од објективни причини поврзани со тендерски постапки или поради неисполнување обврски од страна на компаниите.