„Народен непријател“ во режија на Горјан Аревски ќе се одигра во Кино култура


Претставата „Народен непријател“ на Хенрик Ибзен во режија на Горјан Аревски во недела, 24 декември, со почеток во 18 часот ќе се одигра во Кино култура. Претставата ќе се игра во склоп на фестивалот „АртАреа“ во организација на книгоиздавателство Бегемот.

„Народен непријател“ (1882) го критикува не само конзерватизмот на општеството, туку и либерализмот на времето. Основната порака во делото е дека човекот, кога останува сам, се повеќе е во право отколку толпата, која е портретирана како неука и наивна. „Најсилен човек во светот е оној кој е – сам!“.

Драмата го отвора прашањето, но не го затвора: Дали на власта и е поважно доброто на народот поради него самиот или поради своите интереси. Идејата „здравјето пред се“ наоѓа на затворена врата бидејќи оди во директна спротивставеност со идејата „егзистенцијата над се“, па затоа се одлучува да влезе преку прозор борбата да ја води на друго рамниште. На луѓето поважна им е материјалната сигурност и егзистенцијата, отколку здравјето, затоа што првата директно им носи видлив услов за живот, сметајќи дека ќе живеат поубаво ако имаат пари, отколку здравје. За да се промени концпетот на размислување на луѓето, не може да се оди контра нив и да им се чепка во нивниот џеб, туку искулучиво во нивниот памет, па затоа докторот на крајот сфаќа дека тоа најдобро ќе може да се направи преку образование.

Режисерот Горјан Аревски е апсолвент на Факултетот за Драмски Уметности (ФДУ) во класта на проф. Златко Славенски.

Во претставата играат студенти-актери од ФДУ од Скопје во трета и четврта година како и дипломирани студенти од истиот факултет.
Во улогата на доктор Стокман настапува Григор Јовановски, а во улогата на градоначалникот Исидор Јованоски, апсолвенти во класата на проф.м-р Зоја Бузалковска.

Во останати улоги се: Ангела Стојановска (Г-ѓа Стокман), Чедомир Митевски (Аслаксен), Зоран Митровиќ (Ховстад), Дарко Ристовски (Билинг), Исмет Шабановиќ (Хростер), Фљакрон Алиу (Вик), Кристијан Танчевски (Пијаниот ) и Ана Димитрова и Христијан Денковски (деца).

Музички соработник на проекот е Ива Дамјановски, а сценографијата ја подготви Владо Данилов.

Во рамките на дводневниот фестивал „АртАреа“ кој започнува на 22 декември, петок, ќе има Саем на книга на повеќе издавачки куќи, базар на ракотворби, музички и музичко-поетски перформанси, како и видео проекции на документарни и анимирани филмови и дискусии од областа на архитектурата и културата.