Наместо директор во БЈБ – поротник на судењето за 27 април


Пензиониораниот генерал, Зоран Јовановски – Челик, кој беше споменуван како можен наследник на разрешениот директор на Бирото за јавна безбедност, Лазе Велковски, е судија поротник на судењето за „крвавиот четврток“.
Судењето за настаните од 27 април почна во средата, по објавувањето на името на новиот директор на Бирото, Сашо Тасевски. Откако во јавноста веќе беше решена дилемата кој ќе го замени Велковски, новинарите го видеа пенизонираниот началник во судечкиот совет.
Јовановски беше првото име кое беше објавено како можен наследник на Велковски. Тој целиот работен век го поминал во полиција, а за време на службата се здобил со тешка повреда.
Тој меѓу колегите важи за голем професионалец. Сепак на местото на Велковски министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одлучи да го избере Сашо Тасевски, началник на Шестата управа, односно Одделот за обезбедување при МВР.
Тасевски во јавноста остана запаметен како бранител на премиерот Зоран Заев и другите пратеници во упадот што се случи во Собранието на 27 април.
Денеска досегашниот директор на Бирото за јавна безбедност му ја предаде должноста на новоименуваниот директор, Тасевски.
Велковски беше разрешен од функцијата бидејќи неговиот обезбедувач ја однел ќерка му на одмор во Грција во кампот Евридики, со службен џип во сопственост на МВР. Според Велковски, тој бил приморан да постапи така бидејќи подолго време имал закани и тој и неговото семејство, а дента на 2 август, не можел лично да ја однесе ќерка си во Грција бидејќи морал да биде на работа поради инцидентите што се случија на Мечкин камен.
Во јавноста беа објавени неколку фотографии од џипот и видео, но засега не е утврдено кој го следел. (Ф.Ф.С.)