Над 7.000 слободни работни места на интернет-страницата на Агенцијата за вработување


На пазарот на труд во Македонија моментно има 7.145 слободни работни места објавени на веб страницата на Агенцијата за вработување.

– Магационери, молери, продавачи, раководители на производство, специјалисти, комерацијалисти, возачи, обезбедувачи на лица и имот, електромонтери, специјалисти за човечки ресурси, бравари, општи амдинистратори, директори, дистрибутери, службеници за организирање патувања, се дел од огласените работни позиции.

Сататистичките податоци покажуават дека во првиот квартал од годинава стапката на слободни работни места изнесувала 1,68 отсто. Најголем број слободни работни места, 2.929, биле во групата Работници во услужни дејности и продажба.

Како што покажува анкетата на работна сила, покрај услужниот, и индустрискиот и градежниот се сектори со најголем раст на вработеноста во првиот квартал од годинава.

Стапката на вработеност во првиот квартал изнесува 44,6 проценти и во однос на истиот период лани е повисока за 0,9 процентни поени.

– Бројот на вработени лица е повисок за 2,2 процента, односно за околу 16 илјади лица во однос на истиот квартал минатата година, при што најголем раст на вработеноста има во индустрискиот сектор (8,7 илјади или 5,2 проценти), по кој следуваат градежниот (4,8 илјади или 9,4 проценти) и услужниот сектор (2,7 илјади или 0,7 проценти), се наведува во документот.

Анализирано според економскиот статус, раст на вработеноста има кај сите категории, освен кај семејните работници. Така, бројот на вработени лица е зголемен за 13,5 илјади или 2,4 проценти, а бројот на работодавачи за 3,2 илјади или 9,4 провценти

Растот на вработеноста е придружен со пад на бројот на невработени, којшто е намален за приближно 12 илјади лица, односно 5,4 проценти на годишна основа. Таквите движења на пазарот на трудот предизвикале стапката на невработеност во првиот квартал годинава да се намали на 21,6 проценти, односно за 1,3 процентни поени споредено со истиот квартал во 2017 година.

Гледано по возрасни групи, невработеноста е намалена кај сите групи, при што најзначајно намалување има кај централната возрасна група од 25 до 49 години, а која изнесува 21 процент.

Бројот на активното население е зголемен за четири илјади лица, односно за 0,4 проценти на годишна основа.

Активното население во првиот квартал 2018 година претставува 56,9 проценти од вкупното работоспособно население и е повисоко за 0,2 процентни поена споредено со истиот квартал лани.

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во мај годинава изнесува 24.509 денари.