Над 40 концерти на светски и регионални артисти за 20 години „Таксират“


Годинава се одбележуваат две децении на фестивалот „Таксират“. И покрај тоа што преку целата година се одржуваа концерти и настани поврзани со јубилејот, главната вечер ќе биде на 8 декември во салата „Борис Трајковски“.

Одбележувањето на дваесетката на „Таксират“ започна со легендарните „Крафтверк“ уште во февруари годинава, продолжи со концертите на „Лајбах“, Акуа Нару, „Гогол Бордељо“, Питер Бенс, „Инер Сркл“, а пред неколку дена се случи и изненадувањето со бесплатниот концерт на Ману Чао.
Од „Пасворд продукција“, кои се организатори на фестивалот, веќе ги најавија хедлајнерите за главната вечер на 8 декември, а тоа е шведската инди-рок група „Мандо диао“. Овој концерт ќе биде прво гостување во Македонија за бендот.

Со голема популарност на балканските простори, „Мандо диао“ се стекна по излегувањето на албумот „Give Me Fire!“ во 2009 година и огромните хитови кои бројат десетици милиони прегледи на Јутјуб – „Dance With Somebody“ и „Gloria“.

На 8 декември ќе настапи и славното француско арт-кабаре „Нувел ваг“, како и култниот алт-метал бенд од Северна Ирска „Терапи“, кој речиси 30 години е во врвот на светската алтернативна сцена. На денс-сцената за истата вечер е најавен Разел, кој се смета за неприкосновен светски бит-бокс шампион и повеќекратен освојувач на „Греми“. Тој е член на „Рутс“, хип-хоп група која се смета за најдобра во живите настапи од нивниот жанр.
Од домашните бендови, на 8 декември ќе може да ги погледнеме „Смат“, метал-кор бенд кој годинава прославува 22 години постоење на сцената. Пред неколку месеци го издаде и петтиот студиски албум „Тие се насекаде“. Влезниците за главната фестивалска вечер сè уште се продаваат по цена од 500 денари. Овие билети се достапни само во ограничен број и преку продажната мрежа на „МК тикестс“.

Во низата настани е и традиционалниот „Лузер фест“ кој ќе се одржи на 7 декември во Младинскиот културен центар. За прославувањето на 20 години „Таксират“ тука се и концертите на групата „Ет д гејтс“, која по 22 години повторно се враќа со настап во Скопје на 4 декември во Младинскиот културен центар.

„Пред цели 22 години, првпат кај нас дојдоа бендови што беа дел од светската метал-сцена и после чии концерти се зборуваше дека тоа нема никогаш да се повтори. Тоа беа концертите на ‘Напалм дет’ и ‘Ет д гејтс’. Некое време после концертот членовите на „Ет д гејтс“ се растурија и не свиреа скоро 12 години“, велат од „Пасворд продукција“ и најавуваат енергична вечер. На 6 декември, пак, во МКЦ самостоен концерт ќе има првиот индустријал-бенд во Македонија, „Киборг“. Билетите за нивниот концерт се веќе пуштени во претпродажба, онлајн и во сите продажни места на „МК тикетс“, со цена од 200 денари. На денот на концертот, нивната цена ќе биде 300 денари.

Распродаден настапот на Рамбо Амадеус, закажан и втор
Од регионалните ѕвезди доаѓаат Рамбо Амадеус и д-р Неле Карајлиќ. Рамбо Амадеус и неговата гломазна поезија веќе го распродадоа првиот настап закажан за 3 декември во киното „Фросина“. Организаторите вчера најавија дека закажан е и втор настап за следниот ден на истата локација.
Театарско-сценската програма со трагикомична содржина е комбинација на неговата експресивна, метафорична, духовита и саркастична поезија, проза и филозофија со која постојано ја восхитува публиката предизвикувајќи помешани чувства.
„Вечер на гломазна поезија“ е единствена претстава која на лаконски, сликовит и непретенциозен начин ги сецира општеството и поединецот кој се обидува да опстане во него и да го пронајде своето парче среќа.
Билетите за втората вечер може да се набават на продажната мрежа „МК тикетс“ по цена од 500 денари.
Неколку дена порано на 29 ноември во Младинскиот културен центар ќе настапи д-р Неле Карајлиќ. По 20 години, тој се враќа на сцена и доаѓа во Скопје, а со неговиот концерт и официјално ќе започнат набиените таксиратски денови.
„Долгата пауза од сценските настапи ја прекина годинава со турнеја во Канада и САД, па следуваше и неодамнешниот, спектакуларен концерт во Белград, а оваа зима на наше огромно задоволство, му посакуваме добредојде и во Скопје со концерт за кој Неле вели дека е своевидно патување низ времето на кое тој го претставува целокупниот Неле и оној од ‘Забрањено пушење’ и оној од бендот ‘No smoking orchestra’ и некои нови остварувања“, велат од „Пасворд продукција“.
Билетите за неговиот концерт чинат 500 денари, а на денот на настанот на врата ќе чинат 700 денари. Билетите може да се набават на сите благајни на „МК тикетс“ и онлајн.

Бесплатен влез за концертите на ПИН-конференција
Првата и единствена кај нас меѓународна музичка конференција годинава ќе се одржи по петти пат, од 29 ноември до 1 декември, а токму со овој настан во Младинскиот културен центар во Скопје официјално ќе биде отворена програмата за славеничките „Денови на Таксират #20“.
Од „Пасворд продукција“ велат дека ПИН-конференцијата е еден од најзначајните проекти во кој тие и „Таксират“ го вложуваат сиот свој капацитет, меѓународните искуства и успеси.
„Ги собираме сите најрелевантни имиња од европската музичка индустрија во тридневна програма на која се презентираат и дискутираат актуелните теми од музичкиот бизнис, а која во концертната програма ги претставува новите таленти и најпотенцијални музички изведувачи од различни земји“, соопштуваат од „Пасворд продукција“.
На конференцијата ќе учествуваат стотина значајни, актуелни гости и музички дејци од цела Европа, претставници на најголемите европски фестивали, музичари, промотори, музички агенти, менаџери, новинари и професионалци во областа на музичката и културната промоција.
„Конечно да внесеме свежи идеи во македонската музичка и креативна индустрија, да ги здружиме сите засегнати страни, оние што сакаат да бидат дел од неа и оние што знаат како функционира оваа индустрија во меѓународни рамки, да помогнеме во размена на идеи и искуства, меѓусебно поврзување и соработка на луѓето кои својот животен повик го откриваат во музиката и уметноста“, велат од „Пасворд продукција“.
Покрај панел-програмата, во вечерните часови пред македонската публика ќе се претстават 20 нови музички таленти и најпотенцијални изведувачи од различни земји во Европа.
Покрај странските гости, од домашната сцена концертни настапи ќе имаат „Стринг форсис“, Горан Трајковски, „Егоритмија“, „Дупер“ и други. Влезот за сите концертите во рамките на ПИН ќе биде бесплатен.