Над 30 бесплатни концерти на ПИН музичката конференција во рамките на „Таксират“


Фестивалот „Таксират“ за 20-тото издание организира меѓународна ПИН музичка конференција и шоукејс фестивал од 30 ноември до 2 декември во Младинскиот културен центар.

– Само во рамки на концертната програма, ПИН во Скопје претставува повеќе од 30 музички артисти чии концерти и настапи ќе се одржуваат со бесплатен влез за посетителите. Во чест на 20 години алтернатива во Македонија, овој единствен кај нас европски музички собир го акумулира во Скопје музичкиот талент од меѓународната сцена и бројни македонски артисти кои го заслужуваат глобалното внимание, соопшти Пасворд продукција.

Отворањето на ПИН шоукејс фестивалот ќе биде на 30 ноември со концерт на австралиско-американскиот бенд Liars – експериментален андергарунд арт-рок состав кој британскиот „Гардијан“ го нарекува и „господар на ексцентричната електроника“, кој ќе настапи на ПИН во рамки на светската турнеја за својот нов студиски албум. Вечерта ќе ја отвори македонскиот бенд Палиндром, триото посветено на необично комбинирање на две бас-гитари и тапани кои ескалираат во микс од различни жанрови.

На првата фестивалска вечер се најавени и настапи на: Baba Zula од Турција, It’s Everyone Else од Словенија, Vizelj од Србија, како и македонските бендови: Фолтин, Поган Паган, Баклава, Културно уметнички рабтници и Контакт 59.