Над 20 работни групи го закрепнуваат Министерството за култура


Од почетокот на годинава, Министерството за култура согласно со Националната стратегија за развој на културата за периодот 2018 – 2022 и Акцискиот план за нејзино спроведување формираше над 20 работни групи кои работат во различни области.

Основната мисија на Националната стратегија е да го поттикне и да го координира развојот на ефикасни културни политики за слободно творештво и заштита на културното наследство.
Преку реформите што ги има зацртано како цел ресорното Министерство, се планира ревитализирање на институциите на културата и овозможување на независно и ефикасно работење. Предвидена е демократизација на културата што подразбира разновидните вредности на културата и уметноста да бидат достапни за сите под еднакви услови.
Националната стратегија ќе се реализира според годишните програми на Министерството за култура преку утврдените државни буџети во областа на културата.
Секоја формирана работна група има за цел да ги лоцира недостатоците во зададената област, за понатамошно целосно елиминирање на таквите појави.
Поголем дел од нив се во процес на работа, од кои некои се на самиот почеток, а некои ја завршија својата работа. Тие изготвуваат работни материјали потребни за анализа од страна на стручните служби и од кабинетот на министерот.
Се работи на ревизија на доделениот статус на самостојни уметници, како и систематизација на установите во културата за утврдување на реалните потреби од трајни и привремени вработувања.
Посебна работна група е формирана за справување со штетните последици од т.н. проект „Скопје 2014“.
Од Министерството за култура за „Независен весник“ информираат дека се работи и на ревизија и оцена на состојбите од областа на заштитата на недвижното културно наследство и Управата за заштита на културното наследство. Ќе се преиспитува и статусот национален или локален на музеите во насока на децентрализација на дел од постојната музејска мрежа, како и стручната оправданост на постоењето на одделни институции, со можност за иницијативи за нови специјализирани музеи.
Се работи на ревизија и на делата во Музејот на современата уметност и Националната галерија на Македонија откупувани на конкурсите на Министерството за култура, со предлог-мерки.
Посебна работна група работи и на изготвување елаборат за состојбите и за функционирањето на ликовните колонии.
Во издавачката дејност, пак, ќе се воспоставува систем за утврдување на издавачки стандарди за подобрување на квалитетот на изданијата.
Министерството ја преиспитува и листата на музички манифестации финансирани од буџетот на Министерството за култура и утврдување јасни критериуми за нивно финансирање.
Во тек е изработка на елаборат за општествена оправданост за основање на Институт за филм при Кинотеката на Македонија, како и утврдување на приоритетна листа на домашни филмски фестивали од јавен интерес.
Во театарската дејност се прави проценка на потребата за донесување на закон од оваа област кој ќе биде изготвен во консултација со Синдикатот за култура на РМ.
„Се анализираат постојните кадровски потенцијали во театрите, со посебен осврт на функционалноста на вработувањата во последната деценија. Потоа се размислува за предлог-мерки за кадровска трансформација на ансамблите со преиспитување на статусот на театрите (национални или локални установи) во насока на идна децентрализација на мрежата на театри. Ќе се прави и ревизија на листата на театарски фестивали и манифестации што се поддржуваат со средства од буџетот на Министерството за култура“, велат од Министерството за „Независен весник“.
До крајот на годинава треба да биде донесен закон за остварување на јавниот интерес во културата кој, според ресорното Министерство, е вториот најважен документ по усвојувањето на Националната стратегија за развој на културата 2018 – 2022.

Ивана Настеска