Над 10.000 учесници в недела на „Виз-ер Скопскиот маратон 2018“


На денешната прес-конференција, којашто се одржа во Парк Хотел и Спа градоначалникот Шилегов, директорот на Агенцијата за  млади и спорт , Дарко Каевски, и директорот на Виз Ер Скопски маратон, Кире Синадиновски, ги изнесоа деталите за четиринаесетиот Скопски маратон, којшто ќе се одржи на 6 мај, недела, 2018 година.

– Градот Скопје традиционално е домаќин и покровител на Виз Ер Скопскиот маратон кој на наше огромно задоволство прерасна во еден од најпознатите маратони на Балканот. Ги отвораме вратите за натпреварувачите од 58 земји од светот кои се пријавени да учествуваат во трките. Посебно ме радува податокот што меѓу натпреварувачите годинава пријавени се и 37 вработени во администрацијата на Градот Скопје на кои од срце им посакувам успешна трка –изјави Шилегов.

Тој додаде дека во организацијата на маратонот се вклучени стотици професионалци и волонтери што се грижат маратонот да помине во најдобар ред и им се заблагодари на луѓето коишто со својот труд значително придонесуваат за растечката популарност на Скопскиот маратон.

За потребите на организацијата на маратонот Градот Скопје обезбеди логистичка и финансиска поддршка. Сите јавни претпријатија на градот се ставени на располагање да се погрижат за состојбата и безбедноста на патеката долга 42.195 метри.

-Ги повикувам граѓаните на Скопје, в недела, на 6 мај, да излезат во што поголем број да им дадат силна поддршка на своите фаворити. На учесниците на Виз Ер Скопски маратон 2018 им посакувам успешни трки, добра забава, дружење и нека победат најдобрите.Виз Ер Скопскиот маратон изминативе 14 години покажа огромен потенцијал за развивање како исклучително атрактивна манифестација.
Затоа на организаторите и на сите учесници им посакувам уште многу успешни маратони, многу нови рекорди и многу нови учесници кои заедно со нашите сограѓани секоја година ќе потсетуваат дека Скопје сака, може и заслужува многу подобро – истакна Шилегов.