Надал се откажа од Париз, Ѓоковиќ повторно на врвот на АТП


Франција– Рафаел Надал се откажа од претстојниот АТП турнир во Париз, што значи дека Новак Ѓоковиќ одново ќе го преземе врвот на АТП листата по одличната сезона која ја одигра откако се врати по повредите.

Шпанецот и понатаму мака мачи со повредите на коленото и пред дуелот против Фернандо Вердаско мораше да се откаже од турнирот.

Тоа значи дека веќе од наредниот понеделник Новак Ѓоковиќ автоматски ќе го преземе првото место на АТП листата. Тој во моментов има 7.535 бодови, додека Надал загуби 170 бодови и во ажурираната АТП листа ќе има 7.490 бодови. Што и да направи во третото коло против Дамир Џумхур, Новак Ѓоковиќ повторно ќе биде тенисер број еден во светот.

Српскиот тенисер за последен пат беше рангиран на првото место на 31 октомври 2016 година, што значи дека поминаа точно две години откако тој падна од врвот на АТП листата. Во тој период Новак помина низ повеќе повреди, а во средината на 2017 година мораше да се повлече поради повреда на лактот. Кога се врати на терените во почетокот на оваа година тој не изгледаше како стариот шампион, но како што одминуваше сезоната ја подобри играта и сега е во одлична форма.