Наградуван новинар на „Шпигел“ седум години пишувал лажни стории


Германскиот неделник „Шпигел“ објави дека еден од неговите најпознати новинари, Клас Релотиус, повеќе години пишувал лажирани стории. Се работи за наградуван новинар, кој според неделникот измислувал стории и личности во најмалку 14 од 60 новински стории што се појавиле во печатените или онлајн изданијата.

Тој пишувал седум години за неделникот и освоил многубројни награди за истражувачко новинарство, меѓу кои и наградата за новинар на годината на Си-ен-ен во 2014 година.

Претходно овој месец тој ја освоил германската награда за репортер на годината за неговата сторија за мало момче од Сирија, која жири-комисијата ја пофалила поради нејзината „поетичност и релевантност“. Дури потоа било откриено дека сите извори на информации во репортажата биле сомнителни и дека поголем дел од она што новинарот го напишал е плод на негова фантазија.

Сторијата што го разбуди сомнежот била репортажа за мигрантска криза на мексиканско-американската граница. Хуан Морено, колегата на Релотиус кој со него работел на приказната, пронашол два извора кои Релотиус во повеќе наврати ги цитирал во текстот. Тие му рекле дека никогаш не го запознале споменатиот новинар ниту, пак, му дале некакви изјави.

Меѓу другите лажни стории биле и една за затвореник од Јемен во Гвантанамо и за ѕвездата во американски фудбал, Колин Каперник. Со интерна истрага било утврдено дека новинарот, исто така, лажел дека видел рачно напишан знак „Мексиканци останете надвор“.

Од магазинот „Шпигел“, кој има тираж од 725 илјади примероци месечно и има онлајн база на читатели од 6,5 милиони луѓе, соопштиле дека се шокирани од откритието и дека се извинуваат на читателите и на било кој што бил предмет на лажираните цитати, измислени лични детали или фиктивни сцени и места. Тие додале и дека формирале посебна комисија која ќе ги истражи сите новинарски дела на Релотиус за неделникот.

Магазинот е основан во 1947 година и е препознатлив по квалитетните истражувачки стории.