Навивачи на Ливерпул и Реал го откажуваат присуството на финалето во ЛШ


Голем дел од навивачите на Ливерпул и на Реал Мадрид одбиваат да присуствуваат на финалето на Лигата на шампионите поради високите цени на хотелите во Киев. Ова е објавено од страна на локалниот украински весник „Вести“.

Финалето од најпрестижниот турнир во Европа ќе се одржи на 26 мај на „Олимпискиот стадион“ во Киев, кој има капацитет од 70.000 места.

Долго пред овој натпревар, локалните хотели ги зголемија цените за тој датум помеѓу 5 и 10 пати.

Според весникот, навивачите на двете екипи престанаа да резервираат билети за финалето, иако нивниот животен стандард е неколку пати повисок од оној во Украина. Фановите на Ливерпул не можат да си дозволат да дојдат или да останат во Украина за титулата во Лигата на шампионите. Тие сметаат дека ова е најскапото финале во историјата и се жалат на измама, пишува „Вести“.

Според англиски навивачи, сместувањето во хотел може да биде 2-3 пати поскапо од летот, а најниската цена за една ноќ во хотел во периодот од 25 до 27 мај е 900 фунти, а за три ноќи варира помеѓу 1.800 и 3.000 фунти.

Властите во Киев, сепак, изјавија дека очекуваат околу 35.000 приврзаници од странство да присуствуваат на натпреварот.