М-НАВ: Фалат контролори а вдомуваат ќерки и сестри


Синдикатите се против трупање административци во услови кога недостигаат контролори на летање и инженерско-технички кадар. Во македонската контрола на летање има вишок административци и недостиг на оперативци. Акционерското друштво во државна сопственост М-НАВ зачести со огласи за советници за кои основно барање е да немаат искуство. А, во компанијата врие.

„Преместуваат работници, примаат нови, по разно-разни, само не стручни критериуми. Како може на ќерката на една политичарка да и направат корекција на коефициентот и сега платата од 90.000 да ѝ скокне на 120.000 денари? И врз основа на што сестрата на друг политичар е префрлена во сектор со третина повисока плата, а да не ви кажувам како ја вработија, пред да се смени власта? И како во секторот за безбедност, преку ноќ, бројот на работници е дуплиран? А, таму се највисоки административните плати“, вели вработен во М-НАВ, кој побара да остане анонимен.

Менаџментот на М-НАВ се огради од забелешките, со тврдење дека ниту еден сектор во М-НАВ не бил дуплиран и дека од 5 август 2017 година до денес се вработени 7 нови лица, додека 4 лица го исполниле условот за старосна пензија и две лица земале инвалидска пензија поради здравствени причини.

„Новиот менаџмент на М-НАВ, поради добиените забелешки од Агенција за цивилно воздухопловство, внатрешната ревизија и недоволна координираност во одредени одделенија во М-НАВ, донесе одлука за реогранизација на одредени одделенија со цел ефикасно и ефективно работење. За тие потреби дел од вработените беа поставувани на соодветни места. Вработените за кои се интересирате се лица кои работат повеќе од 10 години, односно имаат соодветни обуки и огромно искуство во компанијата“, одговорија од М-НАВ,    објаснувајќи дека работењето на М-НАВ, како и на секој друг европски провајдер, е контролирано од Еуроконтрол и од регулаторот Агенцијата за цивилно воздухопловство на Македонија.

Ама, регулаторот не вели така.

„Агенцијата за цивилно воздухопловство со индигнација ги отфрла тврдењата, дека ‘по нејзините забелешки била вршена внатрешна кооординација и реорганизација на одредени одделенија во М НАВ’. Ве информираме дека, Агенцијата за цивилно воздухопловство, согласно своите законски надлежности, врши надзор над работата на давателот на Услуги на воздухопловната навигација, исклучиво во делот на примената на безбедносните правила и системот за манаџирање на воздушниот простор. Административните активности, кои значат организација, функционалност и кадровски обновувања на М НАВ се одговорност на Надзорниот одбор на компанијата“, изјави АЦВ.

М-НАВ не е буџетски корисник туку парите за работа ги добива од прелетите и од користењето на пистата, а му ги префрлува Еуроконтрол – Европската организација за безбедност и воздушна пловидба. Поради високите плати е во видокруг и на јавноста и на политичарите. Секторот за безбедност, кој има последен збор за безбедноста на опремата и на процедурите за работа, и врз кој е најголем притисокот за вдомување кадри, е со највисоки административни плати. Над нив се само оние на контролорите на летање, кои почнуваат од 90.000 и одат до 180.000 денари.

„Не е проблем што ќе земаат толкава плата. Сакам некој да ми објасни како може некој што не знае како се водат авиони да пропишува процедури за прелети. Ни фалат 20 контролори на летање. Пет од овие што сега работат исполнуваат услови за пензија, и имаат намалена способност, која што опаѓа со годините. Сега распишаа оглас за обука на 12 контролори. Тие ќе може самостојно да работат дури по 3 години. А дотогаш…“, вели вработен во М-НАВ, кој стравува дали тестирањето на пријавените ќе се одвива по специјалниот ФИС тест за кандидати за контролори на летање. Зашто, вели, тој се прави онлајн и не може да се помине по други критериуми.

Синдикатите во Контрола на летање велат дека ниту се информирани ниту се консултирани за новите примања и за реорганизацијата.

„За секое префрлување од едно на друго работно место треба да има транспарентен конкурс, по пропишани критериуми. Има премноги вработени на административни позиции кои не ја вршат работата за која се платени. Нема студија да се процени кои кадри и се потребни на компанијата“, вели Александар Тасевски, претседател на еден од синдикатите во М-НАВ, објаснувајќи дека побарал од УО систематизацијата на работни места, но не добил. Проблематично е и по кој коефициент на преместените работници и на новопримените советници им се пресметува плата, зашто нивните места се новоизмислени во систематизацијата и ги нема во Колективниот договор, според кој треба да се зема плата, се чуди Тасевски.

И од вториот синдикат во М-НАВ имаат ист став.

„Не се согласуваме со вработувања во администрација во услови кога недостасува оперативен кадар. Недостигаат не само контролори, туку и водухопловно-технички кадар. Кој ќе интервенира во летниот шпиц ако испадне еден од двата активни радари“, вели Владимир Ристески, претседател на синдикат во М-НАВ.

За работењето на М-НАВ побарана е контрола од Државниот завод за ревизија. Управниот одбор на компанијата во септември лани донел одлука да се провери целокупното работењето на М-НАВ од 2015 година наваму.

Во М-НАВ има околу 280 вработени, од кои околу 70 се опаративни контролори.

Анита Салтировска