М-НАВ реагира: Вработуваме контролори, обвинувањата се нелогични


Македонска навигација (М-НАВ) демантира дека вдомува ќерки и сестри на разни позиции во ситуација кога им недостигаат контролори за летање. Напротив, тврди М-НАВ,  по доаѓањето на новото раководство се спроведува нова стратегијата чиј дел е и конкурсот за контролори за летање, објавен пред три недели.

„Нелогични и конфузни се изјавите на синдикалните претставници кои во претходните години не реагирале за дефицитот од контролори на летање (од 2005 година нема нова селекција), а реагираат кога новото раководство по седум месеци спроведува конкурс за селекција на 12 контролори. Се согласуваме со констатацијата  дека е потребно вработување на воздухопловно технички кадар кој мора да се реализира во скоро време.

Мораме да го нагласиме фактот дека информациите што ги добивате од вашиот извор и ги изнесувате во јавност се шпекулации кои го нарушуваат угледот на АД М-НАВ“, стои во реакцијата на М-НАВ на текстот „ Фалат контролори а вдомуваат ќерки и сестри“, објавен на 5.4.2018.