Мјузиклот „Чикаго“ не е веќе на репертоарот на МНТ


Мјузиклот „Чикаго“ во режија на Наташа Поплавска веќе неколку месеци не е поставен на репертоарот на Македонскиот народен театар. Неговата последна изведба според интернет-страницата на театарот била на 13 март годинава. Како што дознава „Независен весник“, претставата го исполнила предвидениот број на изведби, во случајов 20, кои ги дозволуваше лиценцата. За да може повторно да биде поставена на редовниот репертоар, потребно е да се откупат повеќе изведби.

„Чикаго“ е првиот лиценциран бродвејски мјузикл во македонските театри и со неговото поставување заживеа овој театарски жанр и кај нас. Неговата премиера се случи на 29 декември 2015 година.

Во изјава за „Независен весник“, в.д. директорот на МНТ, Драган Спасов-Дац, потврди дека претставата ја нема на репертоарот.

– Сè уште не сме одлучиле кога ќе биде вратен на репертоарот, но сега нè очекува уште еден лиценциран мјузикл, „Мама Миа!“, чија премиерна изведба ќе биде на 24 декември. „Чикаго“ го исполни бројот на изведби предвидени со лиценцата, но во исто време една од главните актерки користи и неплатен одмор поради снимање филм. Тоа ѝ следува законски – ни рече Спасов.

Мјузиклот „Чикаго“ уште во 2015 година, со самата најава дека се подготвува, предизвика голем интерес кај јавноста, а за секоја негова изведба се бараше билет повеќе.

Мјузиклот е дело на познатите творци на овој жанр: Боб Фоси, Фред Еб и Џон Кандер кои на широката публика ѝ станаа познати преку антологиските филмски мјузикли „Кабаре“ и „Целиот тој џез“.

„Чикаго“ е еден од најпопуларните бродвејски мјузикли во кој се преплетуваат страст, сплетки, убиства, шоу-бизнис и поткупливи судии и адвокати. Овој висококвалитетен бродвејски хит низ мноштво музички хитови, како што се „Цел тој џез“ и низа експресни и висококвалитетни кореографски нумери, на сатиричен начин зборува за Америка од времето на бурните дваесетти години од минатиот век. Приказната почнува кога неостварената музичка глумица и пејачка Рокси Харт, која сонува за успехот на чикашката сцена, го убива својот љубовник. Во затворот го сретнува својот идол – славната Велма Кели. Двете не се плашат од ништо на патот до целта, а во тоа им помага изразито корумпираниот адвокат Били Флин.

Мјузиклот „Чикаго“ е копродукциски проект помеѓу Македонски народен театар, Македонска опера и балет и Факултетот за музички уметности. Улогата на Рокси Харт ја игра Јелена Јованова, Вилма Кели беше толкувана од Арна Шијак, а Мама Мортон од Тања Кочовска. Били Флин го игра младиот актер од „Театар Комедија“, Жарко Димоски, улогата на Ејмос Харт ја толкува Ивица Димитријевиќ, а комичната новинарка Мери Саншајн ја толкува Билјана Драгичевиќ-Пројковска. Во овој обемен театарски проект учество зедоа и балетот и хорот при Македонската опера и балет и оркестарот на ФМУ со кој диригираше Бисера Чадловска.

И. Настеска