Музејот на град Скопје со изложба во Истанбул


Музејот на град Скопје со изложбата „Скопски материјални и духовни проблесоци” од авторите Драгица Живкова и м-р Игор Кузманоски, и Климе Коробар како нејзин комесар, ќе се претстави вечер во културниот центар „Али Емири Ефенди” во Истанбул.

Изложбата се состои од 33 паноа со фотографски прикази на артефакти од средновековниот и турскиот период што се во сопственост на музејот, а кои потекнуваат од поширокиот простор на скопската тврдина и чаршија.

Изложбата „ Скопски материјални и духовни проблесоци “ во Истанбул се реализира и за да ја одбележи 15-годишнината од збратимувањето на градовите Скопје и Истанбул, а со цел за интензивирање и продлабочување на соработката од областа на културата, информираат од Музејот на град Скопје.

Изложбата финансиски е поддржана од Град Скопје, а се реализира и во соработка со Културно-информативниот центар на Република Македонија во Истанбул. На отворањето на изложбата пригоден концертен настап ќе имаат и дуото Скупи. Изложбата ќе биде отворена до 19 декември.