Мугабе се обрати до нацијата, ама не даде оставка


Претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе, не поднесе оставка за време на своето обраќање вечерва на државната телевизија, а многумина тоа го очекуваа. Тоа значи дека против него наскоро ќе биде покрената процедура за импичмент.

Мугабе во обраќањето најави дека следниот месец ќе претседава со конгресот на владејачката партија ЗАНУ-ПФ, иако таа партија го смени од лидерската функција неколку часа пред неговиот говор. Тој истакна дека е свесен за критиките кои му ги упатиле партијата, војската и јавноста, но не ја коментираше можноста да поднесе оставка.

На почетокот од обраќањето Мугабе се ракуваше со воените лидери кои го ставија во домашен притвор пред неколку дена. Шефот на државата изјави дека е свесен оти постојат „многу причини за загриженост“, вклучувајќи ја и економијата која минува низ тежок период.

„Столбовите на државата останаа функционални и покрај кризата“, нагласи 93-годишниот Мугабе, завршувајќи го своето обраќање со зборовите: „Ви благодарам и добра ноќ“, без воопшто да ја спомене оставката.