МРТ стана Национална радиотелевизија


Некои од државните институции веќе ги добија новите имиња согласно Преспанскиот договор. Најголемиот дел од нив ги задржаа имињата само со додаваката „Северна“, но некои се викаат и поинаку. Така, Македонската радиотелевизија од сега ќе се вика „Национална радиотелевизија“, потоа Македонската опера и балет ќе се вика „Национална опера и балет“, потоа долгото име на Музејот на ВМРО се скратува и сега ќе се именува како „Музеј на македонската борба за самостојност“.
Претседателот на државата го добива новото име „Претседател на Република Северна Македонија“, Македонска радиодифузија станува „Национална радиодифузија“, Македонската филхармонија се преименува во „Национална филхармонија“, Музејот на Македонија станува „Музеј на Република Северна Македонија“…
Според одлуката на Владата Македонскиот народен театар го задржува истото име. Во листата на владата на која се наведени новите имиња на 136 институции ја нема Македонската академија на науките и уметностите.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, вчера попладне повика во разумен рок или согласно вообичаените административни практики, институциите во земјава да ги променат своите називи, со што ќе бидат испочитувани одредбите од Преспанскиот договорот.
„Во овој случај формалното име на пример на Армијата би била Армија на Репубика Северна Македонија, бидејќи тоа е сега уставно име на државата, но на пример во случајот со Македонски народен театар, имаме етнички елемент“, рече Димитров.
Во однос на МАНУ Димитров напомена дека тоа е државна институција, но „таму има одредена специфика и се надевам дека ќе се најде едно добро решение за оваа институција“. (П.Р.)