МРТ за почеток ќе добие 0,7 отсто од буџетот


Целта на измените и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е департизација и професионализација на МРТ и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, рече денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Суштинските измени во законот што Владата веќе го испрати во парламентот се однесуваат на изборот на управните тела и директори на МРТ и на АВМУ, како и на финансирањето на МРТ и АВМУ.

Со измените, се предвидува финансирање на јавниот радиодифузен сервис  директно од буџетот и тоа во првата година со 0,7 отсто, во втората 0,8 отсто, третата 0,9 отсто, се до еден отсто. МРТ, рече Бошњаковски, ќе има целосна финансиска независност.

Министерот за администрација и информатичко општество Манчевски изјави дека се радува бидејќи овој закон ќе овозможи на јавноста да ѝ бидат познати лицата кои ќе се кандидираат за членови на Програмскиот севрис на МРТ.

– Во однос на изборот на Програмскиот совет на МРТ, прво максимално е либерален пристапот за кандидирање, секој може да се пријави, но мора да има осумгодишно искуство во областа на медиумите и поддршка од универзитетите, медиумски организации. Целта е да се ангажираат професионалци и да имаат поддршка од фелата. Она што за мене е најважно и различно е дека јавноста ќе разбере за кандидатите, додека трае постапката за избори. Во Комисијата за прашања на избори и именувања ќе се организира надзорна расправа и тие ќе кажат што работеле, рече Манчевски.