Мостра 2018: Леди Гага-новата актерска ѕвезда е родена


Италија– Поп-ѕвездата Леди Гага ја возбуди публиката на филмскиот фестивал во Венеција, каде филмот со нејзино учество „Ѕвездата е родена“  беше прикажан надвор од натпреварувачката програма, пренесоа светските новински агенции.

Десетици фанови ја чекаа поп-ѕвездата за премиерата. Таа стигна многу импресивно со брод, фатена за рака од режисерот Бредли Купер. На црвениот килим блесна во розова тоалета со пердуви на Валентино.

Во филмот ѕвездата, позната по својата ексцентричност, игра речиси без шминка. Таа призна на прес-конференцијата дека успеала да го исполни својот сон „да стане комплетна актерка“.

„Секогаш сум ги сакала трансформациите, да ја сменам својата кожа и ликовите. Тоа е дел од мојата уметност, од мојата музика. Најневеројатното во оваа авантура со Бредли, е дека тој побара да ме види без шминка“, рече Леди Гага, чие вистинско името е Стефани Џерманота.

Бредли Купер, за кого филмот е режисерско деби, рече дека веднаш се „вклопиле“ со поп-ѕвездата.

„Ќе излажам ако кажам дека не бев загрижен, кога ќе видиш како изведувач од овој калибар се однесува со тебе како еднаков, тоа те прави посилен“, призна тој.

Леди Гага и Бредли Купер се ко-автори на песните и пеат во филмот. Бредли Купер земал лекции по гитара, пијано и пеење за да се подготви за улогата.

Леди Гага ја освои наградата „Златен глобус“ во 2016 година за нејзината главна улога во „American Horror Story“.

На црвениот ќилим во Венеција прошета и брачната партнерка на Купер, топ-моделот Ирина Шајк.Убавата Русинка дефилираше во златен фустан кој ја истакнуваше нејзината фигура. Креацијата е дело на Донатела Версаче, која ја придружуваше на настанот. Додека Ирина заведуваше во златно, 63-годишната дизајнерка носеше црвена креација.