Московиси: На Грција нема да и треба ниту нова спасувачка програма


Еврокомесарот за економски и финансиски прашања, Пјер Московиси смета дека Грција нема да има потреба од нова спасувачка програма, ниту од кредитна линија за претпазливост по завршетокот на актуелната програма, чиј рок истекува во август годинава.

Во интервју за „ЕурАктив“, Московиси се изјасни против секакви дополнителни финансиски инјекции, откако Грција ќе ја заврши сегашната програма, бидејќи смета дека нејзините економски индикатори се подобруваат и оти земјата ќе може понатаму сама да се справи.

– Во Грција не смее да има ништо што наликува на принудна програма. Кредитна линија за претпазливост не е потребна. Треба да имаме некакво набљудување по програмата, но тоа мора да биде набљудување на нормална земја, нормална членка на Еврозоната со целосни права и се разбира, целосни обврски, истакна Московиси.