Монолог на Силјановска против Пендаровски


Додека чека ТВ-дуел со својот ривал, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата Гордана Силјановска-Давкова практично води монолог против кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, кој, пак, во своите настапи ретко кога се осврнува на ставовите и политичката заднина на својата противкандидатка. Иако Пендаровски ја прифати нејзината понуда за дуел, поточно посочи дека е нормално откако ќе почне кампањата да има ТВ-дебата меѓу кандидатите за шеф на државата, како што беше и во претходните изборни циклуси, Силјановска продолжува да создава атмосфера како нејзиниот противкандидат да бега од соочување.
– И, тука го чекам Стево на дуел. Секаде и во секое време – напиша Силјановска на Фејсбук во пост со нејзина фотографија, каде што забележува дека пие вино и слуша рок. На фејсбук-страницата на Силјановска, како претседателски кандидат доминираат постови во кои се упатуваат критики кон Пендаровски, но и кон раководството на СДСМ. Всушност, професорката Силјановска, која влезе во изборниот ринг со амбиција да биде натпартиска кандидатка, прва го лансираше терминот „заевизам“ што сега обилно го употребува врвот на ВМРО-ДПМНЕ во нападите кон владејачката гарнитура.
– Македонија има огромен потенцијал. Време е тој позитивен капацитет да го искористиме и сите заедно да внесеме светлина во секојдневните скандали, криминали и црнила на оваа неспособна и корумпирана влада која се води од принципите на заевизмот. Енергијата во ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е на највисоко ниво – забележа вчера Силјановска.
Таа претходно го критикуваше Пендаровски дека целиот работен век го минал во безбедносните служби, државните институции и на високи државни позиции.
– Очигледно, тој не е новото лице на правдата туку остатокот од корумпираниот елитистички естаблишмент кој мора да се промени – напиша кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа, пак, во изминатите неколку седмици, откако беше кандидиран повторно за претседател, Пендаровски само еднаш се осврна на ставовите на Силјановска, кога ѝ забележа дека не смогнала сили да го осуди насилството во парламентот на 27 април. Претходно, веднаш откако беше утврдена неговата кандидатура, Пендаровски изјави за „Независен весник“ дека засега не сака да зборува за позициите со кои неговата противкандидатка веќе настапува во јавноста, посебно во делот на клучните политички процеси што се одвиваа во последната година, туку дека тоа ќе го каже во текот на кампањата.
Иако до нејзиниот избор за кандидат за претседател Силјановска не беше формално дел од ВМРО-ДПМНЕ, во изминатиот период таа настапува со исти ставови како и раководството на опозициската партија, почнувајќи од негацијата на Преспанскиот договор, опстојувањето на старото име на државата, неоградувањето од политиките на Никола Груевски и претходната влада, до жестоките напади кон сегашната владејачка гарнитура. Наспроти очигледното поклопување во ставовите на Силјановска со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, таа викендов се повика повторно на својот наводен натпартиски статус коментирајќи ја пресудата за 27 април. Исто така преку социјалните мрежи, Силјановска излезе со тврдења дека немала штаб како што имал Пендаровски, за кого, како што наведува, работеле луѓе кои „како војници извршуваат партиски наредби, со надеж дека ако ја завршат добро работата ќе добијат од партија вработување, унапредување или место во некој управен одбор“.
– Имам тим од луѓе кои ги обединува љубовта кон татковината и желбата да се воспостави владеење на правото. Дел се блиски до ВМРО-ДПМНЕ, дел често ги критикувале нивните политики – се пофали Силјановска на Фејсбук.
Од СДСМ оценија вчера дека, слично како и претседателот на заминување Ѓорге Иванов, Силјановска е горд застапник на деструктивните политики на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски и на Мицкоски.
– Силјановска и Иванов бранат насилници и криминал. И двајцата работат против интересите на граѓаните и на државата. Затоа на претстојните избори, граѓаните ќе изберат чесен и правичен претседател. Ќе го изберат Стево Пендаровски. Граѓаните ќе изберат претседател кој ќе ја води државата напред и нема да дозволат нов Иванов во ликот на Силјановска кој ќе работи нечесно и спротивно на државните интереси – оцени Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ.
Наспроти тоа, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, прогнозира победа на Силјановска, што, како што вели, ќе значи победа на правото и правдата во земјава.
– Правото и правдата мора да се вратат во Македонија. Граѓаните мора да веруваат во јавнообвинителскиот систем и во судскиот систем, а со Зоран Заев, Љубомир Јовески, Вилма Русковска, тоа е невозможно. Правото и правдата ќе се вратат со победата на Гордана Силјановска-Давкова на претседателските избори и со победата на ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори, рече Стоилковски.
Премиерот Зоран Заев остави вчера простор за предвремени парламентарни избори ако Пендаровски загуби од Силјановска. Според премиерот, владејачкиот СДСМ сè уште води пред ВМРО-ДПМНЕ на анкетите, но со помала разлика.
До стартот на кампањата за шестите претседателски избори остануваат уште две седмици. В четврток ДИК треба да ги утврди трите кандидатури, меѓу кои е и таа на Блерим Река, кој настапува како независен кандидат, но со поддршка на опозициските Алијанса за Албанците и Беса.
Александра М. Митевска