Моника Црнокрак со титула на првиот избор на убавина: Мајка ми имаше повеќе трема од мене


Моника Црнокрак (19) на првиот избор на убавина „Мис самер интернационал 2018“, во Кирениа, Кипар ја освои титулата Мис фотогеничност, во конкуренција на над 35 убавици од целиот свет.

– Имав трема, ама не многу. Повеќе трема имаше мајка ми која има завидно портфолио од меѓународни избори. Горда сум дека за прв пат ја претставував Македонија и веднаш освоив титула. Сигурна сум дека ќе продолжам да настапувам и на други интернационални избори на убавина, ни изјави Моника.

Постарата ќерка на Мики и Светлана Црнокрак, познати наши манекени и сопственици на модна агенција, досега не пројавувала желба за избори на убавина иако е растена по ревии и често патувала со родителите на разни избори низ Европа.

-Студирам на Економскиот факултет во Скопје и посветена сум на одбојката и на фитнесот. Мајка ми и татко ми никогаш не ми правеа притисоци да го изберам манекенството како хоби иако имам предиспозиции. Висока сум 180 см, претходно ослабев 13 кг, велат дека го имам природниот талент за позирање на мајка ми Цеце, вели Моника.

На изборот на убавина во Кирениа победи убавицата од Молдавија, прва придружничка беше претставничката на Белорусија, а втора придручничка беше претставничката од Португалија.

-Најважно во Кипар ми беше што бевме цело семејство, дури и сестра ми Нина која ќе полни седум години. Во Кирениа ги изнанадивме и родителите со торта за нивната 21-годишнина од брак. Секогаш ми даваат поддршка за сѐ што ќе одлучам, а нивните совети за избори за убавина се незаменливи. Сепак зад нив е 25-годишно искуство, вели Моника. (Л.С.)