Момчето на Калина во последен момент ѝ побегна на смртта


Од Планинарскиот клуб „Трансверзалец“, кои беа организатори на кобната викенд-тура во Грција, одбиваат да одговорат на клучните прашања во врска со истрагата за смртта на двајцата планинари. Зошто се тргнало кон врвот Кајмакчалан кога дувал разорен ветер од 150 километри на час, а температурата била минус 20 и имало многу снег, дали планинарите биле соодветно опремени, дали носеле појаси, зошто имало само двајца водачи на група од педесетина лица кога регулативата пропишува водач на седум планинари, зошто Калина и Александар се изгубиле од групата…

„Ја молиме јавноста да има разбирање, апелираме да престанат да се засилуваат шпекулациите, а сите одговори најдоцна до петок ќе ги даде Сојузот на планинарски спортови“, ни рекоа од Трансверзалец.

На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа дека временските услови пред поаѓањето на групата кон врвот биле катастофални. Ветерот ги буткал телата на планинарите, снег до колена, видливост минимална, а најголемиот дел од нив облечени во скијачки одела, јакни, шалови и капи.

„Преку социјалните мрежи се предупредуваше внимателно движење на сите што ќе престојуваат на планина. Конкретно за Кајмакчалан, имаше препорака да се остане на сигурно поради длабочината на снегот и густата магла на висина од над 1.400 метри надморска височина. Самата патека кон врвот не е воопшто тешка, ама само кога условите се идеални, но кога има невреме е многу опасна“, тврдеа дел од планинарите што ги консултиравме.

Групата од Скопје се врати дома ноќта спроти понеделникот. Како игра на судбината проструи информацијата дека заедно со Калина, во Грција заминало и нејзиното момче, но тоа не го продолжило искачувањето кон врвот на Ниџе.

По телата на Калина Велевска (27) и Александар Миновски (31) се трагаше десетици часа, а пронајдени беа од страна на грчките служби во бездна длабока триесетина метри. (Г.А.)