Можните економски последици од спогодбата за името


 

    Никола Поповски

 

Спогодбата што се потпиша меѓу Македонија и Грција во преспанското село Нивици ќе биде многу важна за Македонија, што и да се случи со неа во идните 12-18 месеци. Таа ќе предизвика тектонски етнички, политички, социолошки, економски, безбедносни и други поместувања во Македонија, а многу помали во Грција. Иако сè уште е рано, овој текст има намера да ги даде првите видувања за можните економски последици од спогодбата врз Македонија.

Состојбата со нејзината судбина е прилично егзактна – Владата ја потпиша, Собранието со 69 гласа (важен индикатор заради предвидените уставни промени) експресно ја ратификува со Закон, а претседателот на државата јавно соопшти дека одбива да ја прифати и сигурно е дека нема да го потпише указот за нејзино објавување, односно ќе ја врати назад во Собранието на повторно разгледување.

Од аспект на политичките субјекти, во Македонија состојбата е следнава: блокот на левицата предводена од СДСМ ја поддржува спогодбата, но некако со 90 отсто од силите; блокот на албанските политички партии целосно ја поддржува; исто е и со помалите партии на помалите етнички заедници во земјава; а десницата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја одбива спогодбата, но некако срамежливо и со околу 20 отсто од своите сили, што внесува сомнеж дека сака да остави впечаток дека е против, а, всушност, ништо нема да направи таа да не се прифати и со тоа „на мала врата“ да направи компромис со, за нив, „новата реалност“. Одредени помали групи на граѓани веројатно ќе бидат многу упорни во повеќе или помалку тензичните протести во Скопје без намера тие да се прошират кон внатрешноста на државата.

Опасноста дека и по второто изгласување на Законот за ратификацијата на Спогодбата во Собранието, претседателот на републиката противуставно ќе одбие да потпише указ за Законот е голема и извесна. Тоа може да ја внесе земјава во период на нови тензии со формализирано барање за отповикување на Иванов или покренување на кривична постапка за злоупотреба на функцијата што ја извршува. Можеби и двете заедно.

Во вакви околности референдумот во врска со промената на името и Уставот на земјава ќе има огромно значење. Но, за жал, со него не може да се прават големи стратегии и спинувања – неговиот резултат ќе мора да биде едноставен: ДА или НЕ. Ништо повеќе.

Во такви околности потребно е да се направат макар и првични видувања за насоката на движење на македонската економија до и по референдумот, односно тоа што економистите го нарекуваат очекувања во економијата. Познато е дека деловните луѓе, но и работниците и граѓаните постојано работат во сегашноста, но постојано мислат и на краткорочната и долгорочната иднина од која имаат свои очекувања. Ако нивните очекувања се поволни тие ќе ги интензивираат своите економски активности и обратно. Многу е веројатно дека до моментот на одржувањето на референдумот горенаведените економски субјекти ќе бидат во период на исчекување. Нивните активности ќе се претпазливи и тоа, за жал, на краток рок може да ја држи економската активност во земјава на стенд-бај, односно на релативно ниско ниво што би можело да предизвика низок економски раст и оваа година. Но тоа сега е од второстепено значење, бидејќи далеку поважни стануваат среднорочните и особено долгорочни очекувања, а тие зависат од референдумското изјаснување.

Оттука, не земајќи ги предвид другите користи и штети од одлуката на референдумот, економските можат да бидат сосема дијаметрални. Референдумското НЕ би можело да значи почеток на еден вид економски изолационизам на Македонија (намалени странски директни инвестиции, намалена помош од ЕУ, намалување на трговската соработка со некои стабилни партнери, намалени изгледи за финансирање и зголемени камати на новото задолжување и сл.) која заради преземените а неиспорачани обврски од спогодбата ќе се најде во крајно незавидна ситуација да биде прогласена за „виновна“ и затоа еднаш засекогаш маргинализирана од страна на НАТО и ЕУ со сите катастрофални последици од тоа. Во такво опкружување економијата би можела да потоне во нови видови на дефицити што ќе нема од каде да се покриваат освен да го намалат и онака нискиот животен стандард на населението што сега изнесува околу 37 отсто од просекот на ЕУ мерен преку показателот за БДП по жител според паритетот на куповната моќ. Веројатно е јасно дека Македонија економски подобро ќе се снајдеше во идната соработка со ЕУ во услови на долгорочна „пат позиција“ во преговорите со Грција, како и досега, отколку да има потпишана а заради себе нереализирана спогодба со оваа земја.

Нормално, без ЕУ (и НАТО) ништо не е засекогаш завршено. Впрочем, иако не е до крај споредливо, двете најразвиени европски економии (без Луксембург) се надвор од ЕУ – Швајцарија и Норвешка. Но, се чини дека за Македонија тоа не важи. После сè во што се вовлековме со спогодбата сега наредните чекори на земјава во целина можат да бидат дури и покатастрофални. Едноставно, очекувања во економијата по евентуален неуспешен референдум би биле многу непријатни и тоа недвосмислено и директно ќе се одрази врз идниот развој.

Веројатно, сосема поинаку би било ако референдумот успее. Очекувања во економијата и од внатрешните, но и од надворешните економски актери би биле многу високи и тоа многу поволно ќе се одрази врз инвестирањето, производството, трговијата, потрошувачката и другите економски агрегати. Сепак, две недоумици остануваат. Првата е одговорот на прашањето што би се случило доколку референдумското „да“ внесе неочекувана и долгорочна политичка и општествена нестабилност на Македонија во иднина во вид на нетрпеливост и тензии помеѓу протагонистите и противниците на промената на државното име и заради неа очекувања во економијата да се намалат? Втората е што ако и во услови на отворено интегрирање на Македонија во НАТО и ЕУ во идните 5-10 години економијата едноставно не се снајде во новите околности и не успее да го извлече најдоброто од себе како, на пример, соседните економии што по влезот во НАТО и/или ЕУ не покажаа знаци на јасно и значително економско закрепнување во услови на масовни иселување на работоспособното и образовано население во другите, далеку поразвиени економии на ЕУ.

Едно поново истражување од страна на невладиниот сектор, едноставно наречено „Детски болести на демократијата“ покажува, на пример, дека Македонија ни денес не успева да ја „зголеми владината пресметливост и транспарентност во реформските процеси“ или „да го намали јавното влијание од било кои кампањи за дефокусирање на јавноста од реформите“. Во таа смисла сосема е јасно дека активностите за спроведувањето на спогодбата од страна на сите (Македонија, Грција, ЕУ, НАТО, ООН и други) ќе создаде поповолни економски очекувања и шанси, но тие сами по себе нема да се ефектуираат без огромен и продуктивен напор на сите во општеството. И понатаму ќе ни бидат потребни многу големи напори. Можеби поголеми од кога било.