Можен е советски третман за „Скопје 2014“
Бранко Тричковски вели дека треба да се поканат некои од најголемите светски архитектонски имиња да предложат што може да се направи со проектот во центарот на Скопје кој е сведок „што може да ѝ се случи на една нација кога ќе си дозволи да полуди“. Меѓу другото, што да се прави со коњаникот со исукан меч, кој како да добил задача со бронза да ја покори нацијата. Тричковски вели дека негов фаворит да го исчисти хаосот од скопскиот плоштад бил полско-американскиот архитект Даниел Либескинд.
Предлогот е интересен. Либескинд проектираше толку многу фасцинантни градби, како, на пример, Империјалниот воен музеј „Север“ во Манчестер, или Еврејскиот музеј во Берлин, но изгледа дека за „полудената нација“ е потребен многу поспектакуларен удар. Македонија можеби треба да се соочи со неверојатната геометрија на зградата на кинеската државна телевизија проектирана од Холанѓанецот Рем Колхас, која е тешко визуелно да се претстави, а камоли да се изведе. Или со футуристичките градби на Американецот Френк Гехри, како Музејот „Гугенхајм“ во Билбао, Шпанија, или концертната сала „Волт Дизни“ во Лос Анџелес. Архитектурата добива неверојатни облици во модерното време и луѓето мора да се соочат со новото поимање на изгледот на зградите, колку тоа да им изгледа непоимливо, па дури и скандалозно. Ако можат Кинезите да ја гледаат нестварната зграда на телевизијата, зошто не би можеле и Македонците да се навикнат на еден футуристички концепт кој е надвор од „нивното лудило“. Сѐ е прашање на умствената широчина на оние што ги нарачуваат проектите, дали имаат ограниченост на нивните визии или страв од политички последици, кои можеби ќе дојдат.
Бидејќи предлогот на Тричковски за меѓународен натпревар за најингениозно решение за „Скопје 2014“, изгледа како утопија за сегашнава политичка номенклатура, а сигурно и за идната, тогаш би требало да се бара друг излез за кукавичјето јајце кое Никола Груевски им го остави на наследниците да го топлат, да се навикнуваат на него, за најпосле да речат дека овој проект, всушност, и не бил лош. Навикнувањето на злото оди полека, чекор по чекор, додека не стане дел од секојдневието.
Тогаш, што би можело да се нарави со шумата од споменици од скопскиот центар, а решението да биде елегантно и концептуално. Со истиот проблем се соочуваат и јужните држави на САД, кои 50 години по убиството на Мартин Лутер Кинг бараат решение што да прават со 1.500 споменици кои ја слават војската на конфедерацијата и ропството од времето на Граѓанската војна, кои се помалку уметнички израз, а повеќе победничка порака на поразените.
Ако ги остават настрана калкулациите за тоа што може да им донесе негативни политички поени или неразбирање од гласачкото тело – или навиката за прошетка низ бронзената шума – една екипа од владиниот труст на мозоци (онаа која би требало да го види мозаикот на иднината) треба да тргне кон Будимпешта (уф, тој озлогласен центар од каде што стигнуваше братска авторитарна помош за поранешната власт) за да го види познатиот Мементо парк и да разбере како Унгарците елегантно се ослободија од советското наследство, па дури и заработуваат од него.
Оваа екипа која анализира, проучува, разгледува разни дозволи, законски или привидни, за поставување на спомениците за да види дали тоа било покриено со документи (а во основа губи време), кога ќе стигне на брегот на Дунав во Будимпешта и погледа малку во големите води на реката и во мостот „Ержебет“ (или Елизабета, крстен според популарната австроунгарска кралица која беше убиена во атентат) и големите води на реката, ќе може да појде на Плоштадот на слободата да го види советскиот обелиск посветен на Црвената армија, која го ослободи унгарскиот главен град во Втората светска војна.
Овој обелиск, сместен пред зградата на американската амбасада, е единственото советско наследство што остана во Будимпешта. Сите други советски споменици беа отстранети и однесени на нивното конечно почивалиште надвор од Будимпешта, во познатиот Мементо парк. Екипата треба да подготви по 1.500 форинти (4,7 евра) за влез за секој поединечно за да го види паркот на „најголемите статуи од студената војна“, но и да размисли за лекциите како да се реинтерпретира болната историја на една нација. Поранешниот претседател на Унгарија, Арпад Генц, ја оцени оваа постановка како внимателно избран пристап: „Тој ги користи политички неутралните значења на уметноста за да го нагласи достоинството на демократијата и одговорноста за историското мислење“. Таму има десетици споменици посветени на советско-унгарското пријателство и на „херојскиот советски народ“, на Ленин, Марк, Енгелс, Бела Кун, Георги Димитров… сместени во уметнички и концептуален контекст. Во паркот има музеј полн со едукативни материјали каде се објаснува социјалистичката ера и објектите, а училишни групи пристигнуваат секојдневно.
Оваа група може да размисли за тоа како се родила идејата во 1991 година кај првите унгарски демократски власти, кои наместо уривање, потрага по правни дупки, се решила да направи концепт со кој спомениците остануваат нечепнати, само им се менува контекстот и местото. И сето тоа да биде достоинствено.
Доколку има време и, се разбира, овластувања, екипата би можела да продолжи кон Естонија да види уште едно место каде е детоксифицираната историјата – во палатата Марјамае во Талин. Ако патува со воз, ќе може да прочита повеќе извештаи за ланскиот предлог на градоначалничката на Прага, Адријана Крначова, за изградба на „парк на паднатите споменици“ на влезот на главниот град каде што ќе бидат сместени контроверзни, застарени и скулптури со лош квалитет, а кои ќе бидат отстранети од нивните оригинални места во градот. Во Прага има дури 4.500 статуи, скулптури, споменици и комеморативни плочи. Градските власти подготвуваат сите нив да ги истражат, фотографираат и да креираат дата база. Се разбира, има и вредни уметнички дела од социјалистичкиот реализам, па меѓу нив и скулптурите на комунистичките лидери Клемент Готвалд и Антонин Запотоцки, но тоа не ја менува суштината на замислата за уметничко прочистување на градот. Екипа би можела убаво да ги прочита овие зборови на Крначова, кои се однесуваат и на денешното време: „Често се случува некој да донира скулптура на некоја општина на градот која се изложува без да се размисли за местото на нејзиното поставување и без да се разгледа уметничкиот квалитет на делото и компатибилноста со просторот каде треба да биде сместена“.
Во Балтикот, во Талинскиот Залив, во изложбата на отворено во палатата Марјамае, екипата ќе може да ја види огромната статуа на Сталин легната на грбот или осамената биста на Ленин. И таму концептот е сличен: на собраните споменици од советско време треба да им се даде нов, неутрален контекст, кој ќе помогне во пристапот кон историјата на тоталитарната држава и нејзините идеолошки основи и методи.
Доколку на екипата сето тоа не ѝ е доволно ќе треба да скокне и до Москва за да прошета низ Паркот на паднатите споменици, востановен од градските власти во 1992 година. Таму ќе ги најдат сеќавањата на речиси сите луѓе што владееја со Советскиот Сојуз – од челичниот Феликс Ѓержински, основачот на тајната полиција НКВД, сѐ до последните советски лидери. Таму се и споменици посветени на херојскиот пролетеријат и селанство со вистинска уметничка вредност, како оној на познатата скулпторка Вера Мукина „Работник и жената од колхозот“. Во 2011 година Паркот на паднатите споменици претрпе значајни измени за да може да привлече повеќе туристи, а беа додадени и повеќе модерни скулптури. Сега во Паркот на паднатите споменици има повеќе од 700 уметнички дела.
Ова би била навистина интересна турнеја за екипата што бара правни дупки во поставувањето на спомениците во центарот на Скопје за да може да размислува за големата слика. Таа екипа и политичарите што стојат зад неа изгледа дека засега немаат ниту концепт ниту идеја да го состават мозаикот на новата Македонија. Тие повеќе мислат на ограничувањата отколку на видиците. Така што да дојдат и Либескинд, и Колхас, и Гехри во основа ќе биде бесмислено. Ширината на идеите како да се најде решение на затруениот простор нема да ги даде ниту еден конкурс. Некој нив овде треба да ги разбере и да ги стави во контекст поголем од нив.
Љупчо Поповски