Модриќ: Среќен сум во Реал


Хрватскиот фудбалер Лука Модриќ истакна дека е среќен во Реал Мадрид и дека ќе продолжи да настапува за шпанскиот клуб.

Капитенот на хрватската репрезентација синоќа за првпат во кариерата беше избран за најдобар фудбалер во Лигата на шампионите, а летово беше во фокусот на јавноста поради сагата со неговиот трансфер во Интер. Наводно Модриќ инсистирал да замине во италијанскиот клуб, но сепак таков трансфер не се реализираше.

–  Среќен сум во Реал. Работев напорно да го остварам овој успех и благодарен сум што играм во ваков клуб. За мене ова е најдобра година во кариерата, истакна хрватскиот фудбалер.

Модриќ во Мадрид дојде во 2012 година од Тотенхем, а договорот му истекува во 2020 година.

За Реал досега има настапено на 260 натпревари, а постигна 13 гола и 39 пати беше асистент.