Модриќ: Не смееме да го распродаваме угледот


Само два месеца по освојувањето на сребрениот медал на Светското фудбалско првенство во Русија, Хрватска го доживеа највисокиот пораз во својата историја. На стартот од новоформираната Лига на нации, избраниците на Златко Далиќ беа катастрофално поразени на гостувањето во Шпанија со 6-0 (3-0). Досега, на црната листа водеше поразот на Вембли од Англија со 5-1 во квалификациите за СП 2010 во Јужна Африка.

Почетокот на вчерашниот меч во Елче воопшто не навестуваше таков расплет на настаните. Хрватите, кои сега играат без „пензионираните“ Манџукиќ, Субашиќ и Чорлука, а на овој меч и без повредените Ребиќ, Крамариќ, Ловрен и Врсаљко, одлично стартуваа, во првите дваесетина минути имаа три зицери преку Ракитиќ, Перишиќ и Сантини, но не успеаја да ја затресат мрежата на Де Геа. Потопот стигна набргу. Саул во 24., Асенсио во 33. и 35., Родриго во 49., Рамос во 55. и Иско во 70. минута беа стрелци на головите за „црвената фурија“, која под водство на новиот селектор Луис Енрике сакаше да ја избрише болката од раната елиминација на Светскиот куп во Русија. Хрватска сега не е ловец, туку плен, секој сака да го земе скалпот на втората светска фудбалска сила, па тоа ќе биде нов момент за Хрватите, на кој ќе мора да се навикнат.

Игравме одлично на почетокот, но по првиот примен гол, секој играч почна да игра сам за себе. Работите функционираа додека бевме екипа, заеднички се браневме и заеднички напаѓавме. Кога играме на сила, тоа не може да биде решение против силен тим како Шпанија. Не успеав да ги мотивирам момците, видов каква е ситуацијата. Ова ми е најтешка ноќ во кариерата, но нема плачење. Сакам да го искристализирам тимот пред почетокот на квалификациите. Преку Лигата на нациите ќе ги проверувам играчите. Сакам да бидеме прави на Европското првенство“, зборуваше Далиќ.

Капитенот Лука Модриќ рече дека кога пристапот на тимот не е идентичен како на Светското првенство, тогаш не може да се очекуваат добри резултати против тимови од фудбалскиот врв.

Мора да извлечеме поука, не смееме толку лесно да го распродаваме угледот што толку тешко го стекнавме“, смета најдобриот европски фудбалер.

Од друга страна, Шпанците уживаат во високата победа што се надоврза и на саботниот триумф во Лондон против Англија. Медиумите ја величаат играта на репрезентативците, излегуваат наслови од типот: „Го размонтиравме светското сребро“, „Фуријата повторно гази“, „Хрватска понижена“…

Во тој контекст се цитира изјава и на Енрике, кој вели дека ова била спектакуларна ноќ што не можеле ниту да ја сонуваат.

Имавме идеја како да играме, ама мора да признаеме дека сè ни поаѓаше од рака, сè беше прекрасно. Влеговме нерешително во мечот, Хрватска имаше добри шанси на почетокот. Подоцна сè се промени. Навистина е тешко да се победи тим, кој притиска како Хрватска и кој во својот состав има фудбалери како Лука Модриќ и Иван Ракитиќ. Сите мои играчи работат напорно и тоа ме прави среќен. Треба така да продолжиме“, ликуваше селекторот на Шпанија.

Хрватската јавност е збунета, но нема отровни стрелки што би напаѓале при некои други околности. Среброто од Москва уште сјае, играчите и селекторот се херои на нацијата, па впечаток е дека вторничкиот дебакл им е простен. Како олеснителна околност им се зема тоа што до 15 јули играа во Русија, а до 15 август славеа бурно, поради што најголем дел од играчите неподготвено влегоа во сезоната. Некои се повлекоа, новаците се адаптираат, се споменува дека во пријателските натпревари Хрватска никогаш не играла со 100 отсто, но и се напоменува оти ваков почеток на постмундијалскиот живот можел да се предвиди со оглед на „полетувањето во облаци“.

УЕФА нè спаси што го измисли ова натпреварување, затоа што, во спротивно, сега ќе се играа квалификации, а вакви надуени какви што сме сега, веројатно ќе заринкавме во нив. Вака, Шпанците нè спуштија на земја, а до другата година, додека да почнат квалификациите, пак ќе бидеме на исто ниво како во Русија. Можеби не мораше да изгубиме толку многу, ама такви сме ние Хрватите: не сакаме да бидеме просечни, па и кога удираме на тло, го правиме тоа со сета сила“, пишува хрватски „Гол“.