Моден викенд ја подига свеста за читање: Манекенки меѓу книги? Зошто да не!


Манекенките не се само убавици кои шетаат на писти, позираат, патуваат на егзотични места, и носат скапа облека. Денес манекенките се убавици со смисла за бизнис, образовани и начитани. Затоа, не е чудно да ги видиме меѓу книги, како читаат книги или, пак, дискутираат за книги.

– За нас како тим секоја сезона е нов предизвик да пронајдеме нов суштински слоган кој ќе предизвика реакција во јавноста или ќе поттикне на размислување. Често поддржувавме национални кампањи со надеж дека нашиот мал придонес ќе помогне на некаков начин. Со месеци пред секој настан сме во потрага да одбереме нова локација на која на нов начин ќе бидат презентирани колекциите на дизајнерите и производите на другите учесници. Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје се вљубивме на прв поглед. Меѓу сите оние книги и дел од амбиентот сочуван како што бил години наназад, имагинацијата сама проработува. Ви создава чувство на нешто толку блиско, емотивно и буди различни сеќавања – вели Марија Илиќ, која е задолжена за односи за јавност на Моден викенд – Скопје.

Значи, што ја храни вашата имагинација, нѐ прашаа оваа сезона организаторите на 17. Моден викенд во Скопје. Нас, новинарите, дизајнерите, публиката и манекенките кои ќе се сретнеме прв пат во библиотека.

– Мотото на сезоната „What feeds your imagination?“ за нас има голема симболика. Без намера да филозофирам, сепак ќе кажам дека имагинацијата кај еден човек се провлекува низ целиот живот и влијае на сѐ што правиме, мислиме или креираме. Нашата лична имагинација зборува многу за нас самите. Имагинацијата е тесно поврзана со талентот, креативноста и модата воопшто и дава слобода. Се надеваме дека ќе ги поттикнеме и другите да размислат што ја храни нивната имагинација. Програмата ја „креираме“ заедно со учесниците и нивната подготвеност двапати годишно да произведат нови колекции. За нас е најголемо задоволство кога дизајнерите имаат континуитет во своето претставување и ги следат светските трендови во однос на тоа. Но некогаш од повеќе причини не се подготвени да го испратат тоа темпо или има периоди кога се повеќе фокусирани на други проекти наместо на презентации на моден викенд. Се радуваме кога ќе откриеме некое ново име или ќе нѐ побара нов дизајнер со желба да биде на нашиот настан. Никогаш не е доволно од нов дизајн и уникатни модни парчиња – вели Илиќ.

Младата и тазе манекенка Мануела Гочевска е заштитно лице на пролетната сезона на модниот настан.

– Чиста и природна убавина, нежна насмевка и одличен клик со фотообјективите беше комбинација поради која за миг ја одбравме да биде дел од модната агенција „Подиум“ – вели Илиќ.

Таа, пак, ни откри дека ѝ било огромно изненадување и неочекувано дека токму неа ќе ја одбере тимот на Моден викенд Скопје бидејќи досега немала искуство во модните води и тие ѝ дале шанса за која верува дека сонуваат и многу други девојки.

– Во слободно време се дружам со другарките, читам многу книги или го поминувам времето со моето домашно милениче – мачката. Се надевам на успех на домашната модна сцена и сонувам еден ден да станам еден од моделите на „Викторијас сикрет“,искрена беше со нас Мануела.

Лејла Сабит