Могерини попладнево на средба во Белград со Вучиќ
Шефот на дипломатијата на Европската унија Федерика Могерини попладнево ќе пристигне во Белград на разговори со српскиот претседател, само ден по бруталните сцени во Косовска Митровица и Приштина и апсењето на директорот на владината Канцеларија за КиМ, Марко Ѓуриќ. Тоа го потврди Маја Коцијанчиќ, портпарол на ЕК.
Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска ќе се состане со сите претставници на дипломатскиот кор во Србија и со претставниците на повеќе меѓународни организации, меѓу кои и на ОН, ЕУ, ОБСЕ.
Состојбата во северно Косово е тензична, но мирна.
Со барикади кај Рударе блокиран е магистралниот пат од Митровица кон Рашка во Србија, а на административниот премин Јариње има блокирано околу 50 камиони.
Косовските специјални полициски сили се повлекоа од северниот дел на Косовска Митровица, но се уште се присутни во јужниот „албански“ дел од градот.
Во синоќешната акција на полицијата во Косовска Митровица, кога беше приведен Ѓуриќ, повредени се вкупно 32 лица, од кои потешко се повредени пет лица меѓу кои е и косовскиот министер за земјоделие Ненад Рикало. Меѓу повредените има и претставници на медиумите.