Могерини: Оптимист сум дека е можно решение за името до Самитот на ЕУ


Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини изрази оптимизам дека спорот за името може да се реши до Самитот на ЕУ на кој земјите членки ќе одлучуваат за давање датум за почеток на преговорите.

– Останува на Советот на ЕУ на крајот на јуни да ја донесе оваа одлука. Нема да шпекулирам какви одлуки 28-те членки ќе донесат во јуни затоа што се уште имаме време. Имаме некаде два и пол месеци до тој Самит и времето треба да се искористи позитивно и храбро како што го направивме тоа во последните 10 месеци. Направивте чекори кои пред 10-ина месеци беа незамисливи. Затоа сум оптимист. Времето постои, може да се искористи како што беше искористено од ваша страна и од страната на Грција во овие месеци и недели на преговори и разговори и се надевам резултатот е возможен. Не можам да влегувам во содржината на ова прашање затоа што тоа е билатерално прашање, но мислам дека Европскиот совет може дефинитивно да донесе позитивна одлука. Во спротивно, ние не би дале препорака ако сметавме дека тоа не е така, рече Могерини.