МОБ три месеци не исплатила танчар од Јапонија: Повредени ми се лигаментите, а немам пари да се лекувам


Јапонскиот танчар Кенто Терашита, кој е ангажиран како надворешен соработник на Македонската опера и балет, се пожали дека три месеци не го добил својот хонорар и дека тоа му задава проблеми во нормалното живеење во земјава.

Терашита преку својот фејсбук-профил се огласи барајќи помош како да се справи со ситуацијата во која се наоѓа. Посочува дека има и повреда, а не може да си ја плати ниту станарината веќе втор месец по ред.

– Пријатели, ве молам за совет. Работам во Македонската опера и балет, но ме немаат исплатено три месеци. Мојата ситуација е навистина лоша поради овој проблем. Немам пари и не можам да си купам ниту вода, храна, сапун, тоалетна хартија или што било друго. Имам и повреда на лигаментот и треба да одам итно во болница на терапија и рехабилитација, но не можам да си го дозволам тоа бидејќи немам пари за да платам.
Во мојот договор стои дека парите треба да ми бидат исплатени секој месец на 15 и јас се сложив на тоа и затоа прифатив да работам тука. Но тоа не се почитува. Ова не се случува првпат да имам проблем со парите. Дали е ова професионална и сериозна институција? Дали е ова национален балетски театар? Дали е ова нормално во Македонија? Навистина сум разочаран – пишува Терашита.

Тој додава дека од МОБ бил известен дека проблемот е во Министерството за култура, но дека не ја сфаќаат сериозно неговата ситуација.

– Постојано ми велат утре, следната недела, но никако да ме исплатат. Живеам во туѓа држава во која не го знам ниту јазикот и немам семејство или некој близок во оваа земја. Немам пари и навистина стравувам секој ден и не можам да спијам навечер мислејќи што ќе јадам другиот ден. Немам пари ниту за да се вратам во мојата земја и немам платено станарина за два месеца, а газдата секој ден ми бара да го намирам долгот – пишува Терашита.

За овој проблем министерот за култура Роберт Алаѓозовски вели дека МОБ се наоѓа во тешка ситуација, но ќе најдат решение за итно исплаќање на парите.

– Има најмалку деветмина надворешни членови во Македонската опера и балет на кои, поради тешката состојба во која се наоѓа институцијата, не им се исплатени нивните примања за подолг период. Веќе имав разговор со директорот Ќазим Асотиќ и во рамките на нашите можности ќе пристапиме кон итно исплаќање и надминување на овој проблем – изјави Алаѓозовски.

И.Настеска