Младата пијанистка Чочиева ја збогати културната понуда на „Охридско лето“


Националната установа „Охридско лето“ приреди ново уметничко доживување за љубителите на класичната музика преку концертот на руската пијанистка Злата Чочиева што се одржа синоќа во црквата „Света Софија“ во Охрид. Московската пијанистка имаше впечатлив настап, покажувајќи извонредна техника во музицирањето, притоа, пренесувајќи и’ на публиката позитивни емоции.

– Преку совршеното музицирање и техника, талентираната пијанистка Злата Чочиева донесе виртуозен перформанс со што се вброи меѓу најдобрите пијанисти кои настапиле досега на „Охридско лето“. Како организатори на овој концерт, особено не’радува што публиката го награди нејзиниот совршен настап со бурни овации и што меѓу присутните беа аташето за култура во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, публика од соседна Република Албанија и музичари од Скопје и Охрид. Сите присутни беа воодушевени од целиот перформанс, изјави директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Талентираната уметница Злата Чочиева која на Меѓународниот натпревар по пијано „Санта Катарина“ во Бразил беше прогласена за најдобра изведувачка на Фредерик Шопен, со посебен шарм ги отсвири мазурките на овој композитор, а долови и дела од Александер Скриабин, Франц Лист и Сергеј Рахманинов.

– Не знам дали сум најдобар изведувач на делата на Шопен, но чувствувам како оваа музика ми е при срце, а тој секогаш ќе биде еден од моите најомилени композитори. Што се однесува до програмата со која што се претставив на „Охридско лето“ , сметам дека беше интересна бидејќи содржеше и композиции што се помалку познати. Некои дела се во сенка зашто луѓето им обрнуваат повеќе внимание на познатите композиции, вели младата пијанистка чиј компакт-диск со Шопеновите етиди, германското списание „Грамофон“ го вброи во 50-те најдобри изведби на Шопеновата музика.

Со програмата што ја отсвири на „Охридско лето“, Злата Чочиева ќе го одржи и својот деби-концерт во Лондон, а потоа следуваат и нејзините настапи во Русија, Шведска и Германија.