Мичел: Македонија е пред историска шанса, опозицијата да ги охрабри граѓаните да гласаат


Да биде јасен во однос на претстојниот референдум и да ги орхабри македонските граѓани да излезат и да гласаат, му порача денеска помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Вес Мичел на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан  Мицкоски.

Мичел по средбата со премиерот Зоран Заев денеска во изјава за медиуми пред Владата напомена оти САД ја гледаат Македонија како важен пријател и партнер и нагласи оти земјата е пред историска шанса да продолжи да чекори на патот кон целосно интегрирање во НАТО и ЕУ.

Тој, денеска посочи дека во Скопје меѓу другите имал средба и со лидерот на опозицијата и му ја пренел истата порака која што им ја пренел и на другите соговорници.

– Денеска истата порака ја пренесов до сите Македонци со кои се сретнав. Македонија долго беше на патот кон западот и сега е време сите Македонци да го искористат своето демократско право, да бидат одговорни да гласаат за оваа историска можност. Сега е време да го кажете своето мислење, рече Мичел.

На прашањето што доколку референдумот не успее, Мичел рече оти не сака да шпекулира и додаде дека одлуката за иднината на земјата е во рацете на македонските граѓани. Тој истакна оти Договорот од Преспа не бил лесен ниту за Македонија, ниту за Грција.

Напомена дека тоа бил долг и тежок процес во којшто двете страни направиле отстапки.

Премиерот Заев истакна дека на Македонија и требаат силни лидери  и уште еднаш ја повика опозицијата јасно да се определи во однос на претстојниот референдум. Нагласи оти е потребно лидерство кое што ќе го препознае сегашниот момент. Изрази убедување дека и со оглед на последните анкети голем процент од македонските граѓани ќе се одлучат дека нашата иднина е да станеме дел од најмоќниот политичко-воен сојуз НАТО и најмоќниот економски сојуз Европската унија.

Премиерот потсети оти Мичел првпат во земјава дошол во март кога, како што рече, тој лично му ги најавил чекорите коишто ќе се преземат во насока на надминување на препреките што стојат на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО.

– Оттогаш успешно решивме неколку прашања, а меѓу нив е постигнувањето на Договорот со Грција, рече Заев и додаде оти следниот историски чекор е успешниот референдум на којшто граѓаните ќе одлучат за својата иднина.