Мицотакис лут на Меркел што рекла „македонски премиер“


Ставот на Меркел дека во Берлин го поздравува македонскиот премиер, според лидерот на грчката опозициска партија Нова демократија, не е корисен во конкретниот момент. Кирјакос Мицотакис, во интервју за грчката телевизија Скај, рече дека „треба да се избегнува употребата на термините „Македонец“ и „Македонија“ за Скопје“, јави дописникот на МИА од Атина. 

-Ставот на Меркел не беше корисен во овој момент. Кога постојат отворени преговори и постои голема чувствителност кај јавното мислење, добро е да се избегнува употребата на терминот „Македонец“, „Македонија“ кога се однесува на ПЈРМ, на државата на Скопје. Го кажувам ова, бидејќи, ако нешто се покажа од овој случај, е дека постои голема патриотска чувствителност во денешното општество околу ова прашање и дека никој не може тоа да го игнорира. По осум години голема криза, Грците, во прашањата за нивниот национален идентитет се особено чувствителни. Сите Грци, не само Македонците. – вели Кирјакос Мицотакис, алудирајќи на Грците кои од северниот дел од земјата се самоопределуваат како Македонци.

Претседателот на опозициската Нова демократија, упати остри критики до Ципрас во однос на тоа како управува со прашањето за името, вели дека грчкиот премиер уште од почетокот води погрешна преговарачка политика, затоа што требало, според Мицотакис, уште на самиот почеток да побара уставни промени.

-Како почетна точка не ја постави суштината на прашањето. Која е суштината? Ако Скопје не го смени Уставот, не разговараме за ништо понатаму. Ова, ние го кажавме од самиот почеток. Го поставивме како непрекршлив услов за било каков разговор. Господинот Ципрас, не го стори тоа. Па дури и господинот Заев јасно вели: Јас немам намера да го променам Уставот. Тогаш, за што точно разговараме? Јас ќе ви кажам за што разговара господинот Ципрас. За решение, што не е пакет решение, туку е решение на рати. Дава сѐ и купува на рати. Што купува? Да се договориме сега за името, без оглед кое ќе биде тоа, а потоа Скопје да преземе некои обврски. – рече Мицотакис во интервјуто за ТВ Скај, пренесува МИА.

Според претседателот на Нова демократија, договор со овие карактеристики, не е прифатлив за неговата партија, бидејќи не им служи на националните интереси, а решението „мора да ги штити националните интереси, да се справува со прашањата со иредентизмот и да обезбеди дека сите промени што ќе се направат, ќе бидат промени во Уставот на Скопје“.