Мицкоски се сретна со коалицијата, ама не изгради став


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски,  остварил денеска средба со лидерите на политичките партии кои се дел од коалицијата „За подобра Македонија“. Главна тема на средбата, како што се соопштува, бил претстојниот референдум и позициите на партиите во однос на ова прашање.

Преовладувал ставот дека договорот потпишан во Нивици „е капитулантски чин и предизвикува долгорочна штета по повеќе основи“. Коалициските партнери се согласиле дека „ваквиот капитулантски договор потпишан од уценети политичари не може и не смее да биде покритие за општиот грабеж, расипништвото и хедонизмот на власта“.

Мицкоски истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со активностите на терен со цел да го слушне гласот и волјата на членовите, активистите и граѓаните врз основа на која партијата ќе го донесе конечниот став по однос на референдумот.