Мицкоски се изјасни: Секој сам да реши дали ќе гласа


Една недела пред 10 септември, денот што лидерот на опозицијата го означи како краен за соопштување на ставот во пресрет на референдумот, ВМРО-ДПМНЕ ги отвори картите. Изјава по изјава, миц по миц, претседателот Христијан Мицкоски го потврди она што со недели се зборуваше во политичките кругови: ВМРО-ДПМНЕ нема да им каже на своите членови, симпатизери и поддржувачи ниту да излезат на референдумот, ниту да бојкотираат, ниту да гласаат „за“, ниту да гласаат „против“ договорот со Грција за името. Ќе ги остави самите да одлучат што ќе прават на 30 септември.

Тоа, велат во партијата, можело да се исчита од говорот што шефот на опозицијата го одржа пред насобраните граѓани на неделниот митинг во Кичево. Таму, тој реторички праша „кој е Христијан Мицкоски да му каже на народот што треба да прави, да се обидува да го замајува со скапи маркетиншки трикови и странски ПР-советници?“

Кој ми го дал мене тоа право? Моментот кога одбрав да влезам во политиката, свесно одбрав да му бидам слуга на тој мој народ и тоа ќе продолжам да бидам. Не може за национално прашање да одлучуваат политички елити. Ова не се партиски надитрувања, иако знам дека на социјалдемократите позициите во партијата им се над сè, нам Македонија и нацијата ни се сè и над сè. Нема партиите да одлучат. За национално прашање ќе одлучи нацијата и нејзината одлука ќе биде конечна за сите партии и за сите политичари. И сите заедно ќе излеземе дента после тоа пред нацијата и ќе се поклониме каква и да биде таа одлука. Народот ќе одлучи“, рече Мицкоски.

Нашите соговорници во партијата брифираат дека ваквите пораки ќе добијат официјална конотација по состаноците на извршниот и на централниот комитет, кои сè уште не се договорени, но се очекува да се одржат најдоцна за десет дена.

Веднаш потоа и јавноста ќе биде информирана“, велат во ВМРО-ДПМНЕ.

Познавачите на ситуациите во партијата велат дека станува збор за единствениот рационален потег што можеше да го повлече новото раководство. Растргнат меѓу членовите што се за бојкот (ги има и меѓу пратеничката група и во најблиското опкружување на Мицкоски), оние што се против договорот и помал дел што ја поддржуваат спогодбата, како и соочен со огромниот притисок што го трпи партијата од меѓународните партнери, па дури и од сестринските европски партии, Мицкоски се одлучи сиот фокус да го сврти кон владата во Скопје. Во ВМРО-ДПМНЕ се свесни дека договорот со Грција, силно поддржан од Брисел и од Вашингтон, ќе помине на овој или на оној начин, но за водството на партијата ќе биде од исклучителна важност да остане со „чисти раце“ пред народот, а од друга страна, некој друг ќе ја заврши валканата работа и ќе ја доведе Македонија во НАТО. Од тие причини, се калкулира и дека ниту еден од првиот тим на Мицкоски, вклучувајќи го и него, не е пратеник во Собранието и нема да мора да гласа за потребните уставни измени за ратификација на преспанскиот договор.

Во белиот дворец велат дека продолжуваат активностите на терен во рамките на работното лето, не запираат посетите во домовите на граѓаните од целата земја, но се кове стратегија и како да се спротивстават на агресивната кампања што ја водат владејачките партии. Митинзи од град во град нема да има, но ќе се организираат јавни собири, на кои ќе се укажува на штетните страни од потпишаното во Мала Преспа.

Кампањата што ќе ја води ВМРО-ДПМНЕ ќе биде платена со сопствени пари, затоа што партијата го одби повикот од Собранието да поднесе барање за добивање средства од Владата за медиумска застапеност пред референдумот. Услов за тоа беше да се изјасни каква кампања планира да води. Во фокусот, покрај оспорувањето на спогодбата со Грција, ќе биде и критикување на политиките на владата на Зоран Заев, и тоа на сите полиња: од надворешно политичките, до економијата, здравството, социјалата, тендерите…

Горан Адамовски