Мицкоски откри дека ВМРО нема да бојкотира


Во само неколку минути телевизиско интервју лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги фрли во вода поддржувачите и бојкотирачите на референдумот за името. Едните ги нарече статистичка грешка, а вторите ги измеша со фекалии. Предизвика низа реакции поради што од партијата дообјаснуваат оти идејата била поинаква, односно дека претседателот, анализирајќи ги резултатите што ги добива партијата од спроведените анкети, увидел оти најмалобројни се оние што се „за“ договорот со Грција, без да сака да ги навреди овие граѓани.
Луѓето што ќе го поддржат референдумот се во рамки на статистичка грешка, покажуваат нашите социолошки анализи“, изјави Мицкоски.
Несреќно избраните компарации го ставија на тапет првиот човек на опозицијата. Преку социјалните мрежи се истакнуваат пораки во стилот дека Мицкоски можеби знае за грешки, но не и за статистики, особено што тој зборува за сите, а не кажува каков е лично неговиот став, за кој вели оти ќе сме го виделе на 30 септември, но уште поважно каков е партискиот став, од кој можеби и зависи успешноста на референдумот и излезеноста за потребниот цензус.
Од СДСМ оценија дека Мицкоски продолжил да се однесува несериозно и антидржавнички прашувајќи се до каде може да оди.
Граѓаните не се и нема да бидат некаква грешка, како што вели Мицкоски. Граѓаните се најважни, тие се на прво место“, велат од „Бихаќска“.
Владејачката партија оценува дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ како да сака да се натпреварува со деструктивниот блок на политичката сцена, кој е против напредок на Македонија и членството во НАТО и во ЕУ и сака да го закочи евроинтегративниот процес.
Мицкоски треба да знае дека огромното мнозинство граѓани се цврсто определени за напредок, интеграција и обезбедена македонска иднина во ЕУ и НАТО. Му се допаѓало тоа или не на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните ќе го имаат последниот збор, Македонија ќе биде членка на НАТО и ЕУ. На референдумот на 30 септември граѓаните ќе кажат ‘да’ за македонската иднина, ќе кажат ‘да’ за влез во ЕУ и НАТО со зајакнат и загарантиран македонски идентитет“, поентираат сопартијците на премиерот Зоран Заев
Аналитичарот Петар Арсовски коментира дека станува збор за погрешен избор на зборови што ги употреби Мицкоски, нагласувајќи дека тој, како пиар-експерт, никогаш не би му советувал такво нешто на свој клиент.
Но тој во моментов се прекршува кога е во прашање ставот на партијата околу претстојниот референдум, па затоа ниту една изјава што ја дава не може да се смета како конечна. Тоа би требало да се случи околу 10 септември, како што најави и самиот. Од друга страна, мислам дека ниту тој самиот не знае како навистина стојат работите во партијата и какво е расположението на членовите околу излегувањето на референдумот. Не верувам дека во моментов постои некој внатре што јавно би се прокламирал дека го поддржува договорот. Освен веројатно реформаторското крило, како што видовме и во интервјуто на Костадин Богданов за вашиот весник“, вели Арсовски.
Богданов, кој е член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во интервјуто вели дека партијата треба час поскоро да излезе со став со кој ќе го повика своето членство масовно да излезе и самостојно да земе учество во одлучувањето за најкрупното прашање во поновата македонска историја.
Сметам дека во моментов се наоѓаме на најголемата крстосница од самостојноста на државата, и каква било индиферентност на партијата во смисла на опстојување на ставот ‘кој што сака нека прави’ ќе биде историски погрешна одлука без оглед на исходот од референдумот“, нагласува Богданов признавајќи дека има шареноликост во размислувањата на членовите на ИК.
Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека внатрепартиската дебата е во тек и е спуштена на ниво на општински и месни комитети. Информациите од партијата се дека две работи се јасни и тие можеле да се исчитаат при завчерашното интервју на Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да повика на бојкот ниту ќе го поддржи договорот. Се размислува само дали да се оди „против“ или да се остави граѓаните сами да одлучат како и дали ќе гласаат.
Втората спорна завчерашна изјава се однесува на тоа дека активистите за бојкот се контамирани со фекалии.
Има едно таканаречено гласно малцинство. Тоа се луѓето што главно имаат повеќе изразен патриотски набој, луѓето што се поекстензивно национално осознаени, кои имаат чиста мисла, а од одредена страна ја изгубиле довербата во институциите што ги управуваат СДСМ и Заев. Тие велат како да му веруваме на Заев дека ќе спроведе кредибилен референдум. На овие луѓе некој од страна им залепи луѓе кои ќе ги контаминираат. Тоа би го опишал како буре со најчистата вода на светот, кога ќе им стават лажица фекалија. На оваа чиста идеја, на луѓе што сакаа да го изразат својот револт на начин на кој се определиле, вие им лепите определена структура преку таканаречени партии, кои ја контаминираат целата идеја. Тогаш вие се доведувате до ситуација дека ако вие бојкотирате ќе ви стават равенство на таа лажица“, рече Мицкоски.
Тој алудира на партиите на Солза Грчева, Јанко Бачев, Јове Кекеновски, како и на фракционерите од ВМРО-ДПМНЕ, па доби експресен одговор.
Земајќи предвид дека македонскиот народ и поголем дел од граѓаните нема да излезат и ќе го бојкотираат референдумот, произлегува дека Мицкоски го смета за фекалии сопствениот македонски народ. Кризниот штаб против референдумот го повикува раководството на ДПМНЕ да бидат на страната на македонскиот народ, поголем дел од граѓаните, Македонците во странство, кои нема да излезат на референдумот оти не сакаат промена на вековното македонско име. Да се обединиме сега против референдумот, а на целата македонска јавност после 30 септември со факти ќе и покажеме кој се фекалиите и контаминирачите во Македонија“, стои во реакцијата на кризниот штаб за бојкот на референдумот.
Горан Адамовски