Мицкоски на средби со дијаспората во Њу Џерси


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера оствари повеќе средби со дијаспората во Њу Џерси, САД, и одржа трибина на која се разговараше за акутелните политички состојби во Република Македонија.

Мицкоски оствари средба со претставниците на Движењето за човекови права во Њу Џерси – организација која повеќе од 30 години презема голем број активности насочени кон заштита на правата на Македонците кои живеат надвор од Македонија како и добротворни активности во РМ.

Тој ги информираше соговорниците за активностите на ВМРО-ДПМНЕ насочени кон промоција на стратешките надворешно-политички приротети на Република Македонија. Исто така соговорниците се осврнаа и на актуелната политичка состојба во Република Македонија, пришто Мицкоски истакна дека во нашата земја владее правна несигурност и политички терор, соопшти прес-службата на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски го посети црковниот храм „Св. Кирил и Методиј“ кој е дел од една од најстарите и наголемите црковни заедници на Северноамериканскиот континент.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ исто така одржа трибина во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Њу Џерси каде со над 150 претставници на дијаспората разговараше за актуелната политичка состојба во Македонија.

Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која е насочена кон евроатланска интеграција и стратешко сојузништво со САД, како интегрален дел од заштита на националните интереси на земјата.