Мицкоски: Македонија има еден проблем, се вика Зоран Заев


Македонија има еден проблем – се вика Зоран Заев, повика денеска од Штип лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. На вообичаените неделни маршеви на опозицијата низ градовите во земјата, се слушнаа истите пораки како сиве овие денови и недели откако е закажан референдумот за договорот за името со Грција. Тој уште еднаш рече дека почитувајќи ги демократските права на граѓаните, самите да одлучат како ќе постапат на 30 септември. Повтори дека ВМРО-ДПМНЕ е за членство во ЕУ и во НАТО, но оти потпишана спогодба е капитулантска, со неа се менува името на државата, се брише историјата, се губи идентитетот. Мицкоски вели дека постојано го прашувале кој е планот Б доколку пропадне референдумот и заклучува дека најнапред мора да се свртиме кон планот А – Заев и кликата околу него под итно да си заминат. Во тој контекст, ги повика и членовите на СДСМ да се одвојат од криминалното водство на партијата и самите да постапат по свое убедување, затоа што влогот сега не е пратеничко или директорско место, туку Македонија. Најави битка до последен здив.

Белким ќе беше полесно и за Кљусев и за Глигоров доколку се согласеа на се што бараше јужниот сосед од нас тие деведесети, но тие не го направија, зошто не дозволија да бидеме понижени. Денес има политичар кој го прави тоа и не се срами. Го имаме Заев и неговата владина свита. Човек и луѓе кои немаат никаков проблем да зборуваат колку го почитуваат минатото, додека мртви-ладни на дело формираат комисија која ќе ни ја ревидира историјата, како обврска која тие си ја преземале во име на сите нас, иако никој не им го дал тоа право“, нагласи Мицкоски.

Ја критикуваше скапата кампања што ја води СДСМ и рече дека под плаштот на европска Македонија, владата го спроведува „грабежот на векот“.

Во нивните спотови ме ставиле и мене, а нели ВМРО-ДПМНЕ било небитно, можеле сами, нели сум имал два отсто рејтинг, а Заев пукал од доверба? Секаде празни плоштади каде се обраќа, автобуси носат….тоа значи дека не им оди. Бессрамно ќе лажат, клеветат, измислуваат, дека сум бил на овој или на оној, сум бил ваков или таков… Не бе луѓе, јас сум на македонската и на Македонците, ова е битката на нашата генерација за спас на татковината, историјата ќе запише кој бил на правата страна. Јас сум сигурен кој ќе чекори со гордо исправена глава, а кој ќе ја ведне од срам“, повика Мицкоски и уште еднаш го повика премиерот на ТВ-дуел, на кој ќе одговорел каков е неговиот личен став за референдумот, но претходно ќе го прашал за наведната кичма, за губењето на идентитетот, за одземеното достоинство на народот, за наместените тендери, за криминалот кој го прави на дневно ниво и зошто нема никаква санкција за тоа. Се закани дека ќе дојде ден кога судовите же мора да побараат одговорност од Заев.