Мицкоски денеска кај Пленковиќ, утре кај Вучиќ


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Загреб се сретна со хрватскиот претседател и лидер на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, а утре на „менито“ му е состанок во Белград со српскиот претседател и прв човек на Српската напредна странка, Александар Вучиќ. Средбите со најмоќните политичари во регионов е продолжување на дипломатската офанзива на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кое изминативе две недели беше во посета на Брисел и на Вашингтон.

Како што информираат од најголемата опозициска партија во земјава, Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски со хрватскиот врв разговарале за актуелната политичка состојба, можностите за меѓупартиска соработка, како и јакнење на регионалната поврзаност и искористување на политичките капацитети кои стојат на располагање.

Хрватска е членка во Европската Унија и НАТО, цели кон кои се стреми и ВМРО-ДПМНЕ и тука од огромно значење е поддршката од нашите пријатели како Хрватска, користејќи го нејзиното искуство и веќе воспоставени врски и канали на комуникации во овие организации кон кои се стремиме. Оттука, Македонија и Хрватска се значајни партнери, ВМРО-ДПМНЕ лобира за она што е наш стратешки интерес“, истакна Мицкоски.

Тој посочи дека е потребен видлив напредок во поглед на овие стратешки приоритети, и дека македонската Влада треба да се посвети на суштински реформи, кои ќе забележат реален напредок од кој корист ќе имаат граѓаните на Република Македонија. Мицкоски се пожали дека има недостиг на дебата во однос на клучните прашања, носење на одлуки без соодветна дебата со опозицијата, и евидентен политички терор насочен кон неистомислениците.

Корупцијата и потребата од реформи во судскиот систем остануваат отворени предизвици на кој власта нема одговор.Државата се соочува со сериозни економски предизвици, слабеење на стандардот на граѓаните, и стагнирачка домашна економија“, заклучи Мицкоски.

Водството на ВМРО-ДПМНЕ во понеделникот се сретна и со Јанез Јанша, лидер на Словенечката демократска странка, со кои, исто како и со ХДЗ и со СНС, партијата гаи пријателски односи. (Г.А.)