Мицкоски го повика Заев на тв-дуел


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го повика Зоран Заев на нов тв-дуел. На прес-конференцијата што траеше дваесетина минути, тој ја соопшти одлуката на партијата околу престојниот референдум: секој нека одлучи како што му кажува срцето, а политичките елити се должни да ја почитуваат волјата на мнозинството. Претходно, тој ги критикуваше сите точки од договорот со Грција, потенцирајќи оти не само името, туку се губи и идентитетот и историјата. Рече дека и после референдумот, владата на Заев ќе продолжи со криминали и лошо водење на државата, поради што мора да си заминат. Обвини дека непотребно се трошат милионски суми за кампања.

Мицкоски нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ, со Договорот за името Македонија е на крстопат и дека тој не е исчекор, туку бездна, а со негово прифаќање се губат досега стекнатите позиции во преговорите – Резолуцијата на ОН, Времената спогодба и Хашката пресуда.

За тешката и деликатната ситуација во која, како што рече, се наоѓа Македонија, одговорни се неодговорните политичари во власта.

– Сега Македонија е скап авион даден во рацете на адолесценти, рече Мицкоски, прозивајќи ја Владата и премиерот Заев за нереализирани ветувања во изминатата година и половина, дефокусирање и лажна надеж со слоганите за референдумот.

Посочи и дека со повеќезначното и манипулативно прашање граѓаните се доведуваат во забуна, зашто прашањето не се однесува на суштината – менувањето на името на дражава. Притоа нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ е за членство во ЕУ и НАТО и дека не смее да има поинаква иднина за Македонија.

Седниците на Извршниот и на Централниот комитет траеја повеќе од пет часа. ВМРО-ДПМНЕ ќе води активна кампања, иако нема да сугерира како ќе се гласа, се враќаат и маршевите низ градовите во земјава.