Министерство за култура ќе финансира дефицитарни кадри 


Министерството за култура објави конкурс за поддршка на стручно усовршување на талентирани уметници и дефицитарни стручни кадри во областа на театарот, музиката, танцот, литературата, визуелните уметности, архитектурата и дизајнот и заштитата на недвижното, движното и нематеријалното културно наследство за 2019 година.

Во конкурсот е наведено дека Министерството за култура ќе обезбеди средства во еднократен износ од Буџетот на Република Македонија за 2019 година за: поддршка на стручно усовршување на талентирани уметници и дефицитарни стручни кадри (за додипломски, постдипломски и докторски студии и специјализации) во странство со приоритет на студиите што ги нема во образовниот систем во РМ; поддршка на стручно усовршување на дефицитарни стручни кадри за непосредна заштита на културното наследство; како и поддршка на стручно усовршување во странство на кадри за менаџмент и маркетинг во културата и примена на нови технологии.

При одлучувањето, предност ќе имаат учесниците на конкурсот кои се на повисок степен на студии; оствариле повисоки достигнувања и имаат подобри препораки; постигнале повисок успех во изминатите години. Пријавата која е составен дел од конкурсот, се презема од веб-страницата на Министерството за култура www.kultura.gov.mk и се пополнува во електронска форма и се доставува во печатена форма во Министерството за култура.

Конкурсот трае до 30.11.2018 година, а за дополнителни информации, учесниците на Конкурсот може да се обратат до Министерството за култура кај одговорниот државен службеник за соодветната дејност од областа на културата.