Министерство за култура: Ќе ги земеме во предвид укажувањата на режисерот Поповски


Министерството за култура на РМ му благодари на истакнатиот режисер, Александар Поповски, кој изминатата година, со својот авторитет и работа на функцијата претседател на УО вложи напори за унапредување на работата на Н.У Македонскиот народен театар (МНТ), а се заложи и за обезбедување квалитет на драмскиот дел од програмата на Охридско лето, како нејзин селектор. Министерството за култура ќе ја продолжи соработката со Поповски, а ќе води грижа и натаму да ги ангажира авторитетите во културата, истакнатите уметници и дејци, со цел за подобрување на состојбите во оваа област.

Воедно, Министерството за култура информира дека веднаш ќе пристапи кон консултации за именување на нов член на Управниот одбор на Н.У Македонски народен театар во согласност со законските процедури ќе ја извести навремено јавноста.

Министерството веќе постапува по укажувањата за неправилности од страна на МНТ и ќе ги земе во предвид и денешните укажувања на г. Поповски.  Министерството за култура ја следи состојбата во МНТ и ќе соработува интензивно како и досега со сите институции, во чии надлежности се посочените проблеми.

Претходно, Поповски поднесе оставка од местото претседател на Управниот одбор (УО) на Македонскиот народен театар (МНТ) затоа што, како што рече, неговата работа во тоа тело е сосема бесмислена доколку надлежните институции не се произнесуваат и не реагираат на појавите што се причина за неговото повлекување. Според него, во МНТ постои основ за сомневање за ненаменско трошење на средства во износ од 150 илјади евра.

Поповски, кој од неодамна е уметнички директор на Охридско лето, добил покана да биде уметнички директор на Словенско народно гледалишче во Марибор, но вели дека тоа не влијаело на неговата одлука да замине од МНТ.