Министерство за култура: Макфест, Златно славејче и Скопскиот џез фестивал добија пари


Министерството за култура на својата веб-страница ги објави финалните резултати од годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2019 година. По првично објавените резултати, по бурните реакции во јавноста за дел од пријавите кои беа одбиени, на апликантите им се даде можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за нив.

Така, сега, Фестивалот на детска песна „Златно славејче“ доби 400.000 денари, Интерарт културниот центар за проектот Скопје танцов театар доби 500.000 денари, ДМУ самоорганизација букинг ДООЕЛ за проект „Авалон повикува“ која побарала 20 милиони денари добила милион.

Фестивалот „Макфест“ доби милион денари, „Охридско лето“ добило најмногу – дури 25 милиони денари, а побарало околу 50 милиони денари, Скопскиот џез фестивал 2019 доби 3 милиони денари плус милион денари за фестивалот Офф фест.

МОБ за Мајски оперски вечери доби 5,9 милиони денари. Културно уметничкото здружение „Џезинг арт“ од Тетово за проектот „Џезфест Тетово 2019“ доби 1,5 милиони денари, а здружението „Дитуриа“ за проектот „Гранд при 2019“ доби милион денари.

Здружението „Алегрето“ од Тетово за истиот проект „Сцена на албанска сериозна музика“ добило два пати, барем според објавената листа на Министерството за култура, – еднаш 3 милиони денари, а друг пат 1,1 милион денари.

За монографијата „Македонска рок дискографија“ се издвоени 200.000 денари.

Во меѓувреме за утре е закажана и собраниската Комисија за култура, која на својата 23. седница ќе одржи надзорна расправа на тема „Културните политики и начинот на донесување на Годишната програма на Министерството за култура за проекти од национален интерес, со посебен осврт на реализацијата на Програмата за 2018 година“.