Министерство за здравство потврди – на скопска гинекологија починаа 35 бебиња за три месеци


Вo првите три месеци од годинава на Клиниката за гинекологија биле родени вкупно 1.155 бебиња. Од нив 144 биле предвреме родени и биле третирани на одделот за интензивна нега, а 35 починале. Починатите бебиња во периодот од јануари до крајот на март 2018 година спаѓаат во категоријата предвремено родени бебиња, соопштија од Министерството за здравство.

-Истакнуваме дека само едно од починатите бебиња е родено во соодветниот термин, но со медицинска аномалија на органите, која е во рамките на неможност да се исправи. Според статистиката, околу 80 отсто од бебињата починале поради екстремно неразвиени органи и поради исклучително ниска родилна тежина – стои во соопштението.

Според Министерството, трендот на смртност на предвреме родени бебиња бележи пад. Во 2016 во првите три месеци од годината починале 38 предвреме родени бебиња, додека лани починале 41 бебе.

– Министерството за здравство укажува дека, за жал состојбите, кои ги затекнавме во најголем дел од родилиштата, не можат да се поправат само за неколку месеци. Ќе треба долго време да се надомести недостигот на стручен кадар, бидејќи повеќе од 10 години не се планирало и не создавал кадар, во согласност со потребите на здравствените установи. Имајќи го сето ова во предвид, Министерството за здравство пред два месеца објави сет мерки, со кои веруваме дека ќе ја сведеме на минимум смртноста на новороденчињата и на мајките – велат од Министерството.

Дел од нив се краткорочни и веќе се реализираат. Од 15 до 31 март, согласно Акцискиот план на Владата на Република Македонија за намалување на смртноста на мајките, новороденчињата и доенчињата,  Министерството за здравство, во соработка со Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите Нации (УНФПА) во Скопје, изврши проценка на условите во родилиштата и го дефинираше нивото на здравствени услуги во нив. Беше спроведена обука за ефективна нега на новороденчињата. Беа обучени вкупно 24 здравствени работници, односно осум тима составени од гинеколог, неонатолог и акушер.
Преку заедничка соработка, Министерството за здравство, СЗО, УНИЦЕФ и УНФПА, во периодот од 19 до 24 март, 2018 година извршија проценка на трендовите на неонатална смртност и подобрување на исходот од бременоста и здравјето на децата во  Македонија. Оваа анализа, како и извештаите од проценката на состојбите во родилиштата наскоро ќе бидат готови. Врз основа на нив, ќе бидат спроведени дополнителни соодветни и итни мерки за намалување на смртноста на мајките и на новороденчињата.