Министерство за здравство: Не е укинат Центарот за декубити во Геронтолошкиот завод


Пациентите во ЈЗУ Геронтолошки завод „13 Ноември“ – Скопје се соодветно третирани и згрижени согласно европските препораки за геријатрија и палијатива. Згрижени се во установата поради разни заболувања, а поради неподвижноста развиваат декубити. Во рамки на Геронтолошкиот завод функционира Центарот за декубити, каде тие се третираат. Центарот за декубити, како и домашната посета за третман на пациенти со декубити во домашни услови не се укинати.

Ова го соопшти Министерството за здравство во врска со објавите во некои медиуми дека Центарот за декубити е затворен.

„Согласно расположивиот кадар во установата (моментално е докторот на специјализација по дерматовенерологија), во стационарниот дел се третираат сите пациенти кај кои ќе се појават декубити од страна на веќе обучен и специјализиран кадар. Пациентите кои ќе побараат специјалистичко-консултативна дерматолошка консултација се прегледуваат од дерматолог и се упатуваат во соодветна установа“, се вели во соопштението.

Бројот на пациенти кои се упатуваат исклучиво за третман на декубити, како што се наведува, во изминативе месеци е намален и овие пациенти се упатуваат на Клиниката за дерматологија, како и хирушките клиники – васкуларна и пластична хирургија, каде можат да добијат мултидисциплинарен третман.

Од Министерството посочуваат дека иницијалната определба на Заводот е унапредување на геријатриската и палијативната грижа, неопходно е проширување на неговите капацитети, а за пациентите кои имаат потреба од третман исклучиво на декубитални промени ќе се настојува во иднина да се третираат мултидисциплинарно во соодветни здравствени установи.