Министерот за култура Адеми ја прими амбасадорката на Австрија


Министерот за култура Асаф Адеми денеска во просториите на Министерството за култура оствари работна средба со амбасадорката на Австрија во Република Македонија, Ренате Коблер. На средбата стана збор за досегашната соработка во областа на културата, како и за идните активности преку кои ќе се унапредува културната размена на проекти и уметници меѓу двете земји.

Двајцата соговорници се согласија дека соработка постои во сите дејности од културата. Австриски уметници редовно се покануваат на меѓународните културни манифестации кои се одржуваат во Република Македонија, како Струшките вечери на поезијата, Охридско лето, Мајски оперски вечери  и др, а постои и континуитет во претставувањето на македонските уметници во Австрија.

На средбата, стана збор и за реализацијата на традиционалниот Виенски бал во Скопје, кој ќе се одржи по 19-пат. На средбата, на која присуствуваше и Оливер Арсовски од организацијата на оваа манифестација, беше оценето дека Виенскиот бал во Скопје е манифестација што ја потврдува македонско-австриската соработка на полето на културата и уметноста. Врвни уметнички имиња од земјава и музиката на легендарната династија Штраус, речиси две децении прават оригинален спој на културите на двете држави.