Министерот Адеми го прегледуваше новиот филм на Милчо Манчевски


Режисерот Милчо Манчевски го информираше министерот за култура Асаф Адеми за почетокот на снимањето на својот нов филм „Врба“.

Манчевски, на министерот Адеми му презентираше дел од снимениот материјал од првите сцени кои беа снимени во прилепско Мариово во средината на август, како претснимање бидејќи беа потребни летни услови. Главното снимање на „Врба“ претстои во октомври кога ќе се снима на локации во Мариово и во Скопје.
Манчевски го информираше министерот Адеми дека неговиот шести филм ќе биде реализиран до крајот на годинава, а дека премиерата ќе биде напролет следната година.
Во интервју за „Независен весник“ пред неколку месеци Манчевски рече дека филмот „Врба“ е европска копродукција.
– Филмот е на македонски и ќе се снима тука. Станува збор за две и пол љубовни приказни кои покриваат четири века. Главните пет лика се млади луѓе од голем град и од село – рече тогаш Манчевски.
По осум години, ова е прв негов македонски филм, по „Мајки“ во 2010. Најнаградуваниот македонски режисер за „Врба“ е поддржан со 1,2 милион евра од Агенцијата за филм на Македонија. Филмот е во продукција на „Сектор филм“ и продуцентот Владимир Анастасов-Вац.