Министерката нема надлежност за судиите кои суделе по нарачка


Министерката за правда, Рената Дескоска која кога ја преземаше позицијата во новото министерство порача дека заврши времето кога се избирале судии од тефтерчињата на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, но овие судии уште судат, иако четворица од нив беа споменати и во посебен извештај на Специјалното јавно обвинителство.

Сепак Министерката вели дека тие немаат надлежност да ги разрешуваат судиите и очекува судскиот совет да ги земе во предвид сите факти и докази на институциите.

„Надлежност на министерството за правда е да создава критериуми за избор и разрешување на судии. Ние во моментот работиме на пакетот измени на законот за судови и законот за судски совет кој ќе биде испратен до Венецијанската комисија, во Парламентот и Советот на реформи во судството. Во делот на разрешување на судии мининистерството за правда ниту има надлежност, ниту може да се меша.

Ние очекуваме, како и сите граѓани што очекуваат, дека Судскиот совет ќе си ја работи нормално работата и ќе ги земе во предвид сите укажувања, сите факти и докази кои ги даваат релевантни институции во Македонија“, вели Дескоска.

Сепак претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски вели дека извештајот на СЈО уште не го прочитал иако е јавно достапен на веб страницата на ова обвинителство. И Дескоска не била известена на специјален начин, туку го прочитала на интернет.

Во посебниот извештај беа споменати судиите Александра Зафировска, поранешна претседателка на Судскиот совет и сегашен член на советот, потоа актулениот претседател на Врховен, Јово Вангеловски, судијката во Кривичнит суд, Софија лаличиќ и Светлана Костова, судијка во вишиот управен суд. Сепак за нив е поминат рокот за одговорност пред Судскиот совет, иако СЈО има телефонски разговори кои докажувале дека судиите работеле во нарачка на поранешните носители на извршната власт.(Ф.Ф.С.)